Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска потпиша указ за повторно воведување бројни санкции кон Иран, најавувајќи дека дека американската политика ќе изврши „максимален економски притисок“ врз Техеран.
Трамп во соопштението наведе дека меѓународниот договор за стопирање на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите е „страшен, едностран договор“ со кој иранската Влада зарабори пари кои ги користи за ширење конфликти на Блискиот Исток.
– Ги повикуваме сите држави да преземат чекори кои покажуваат дека иранскиот режим се соочува со избор: или да ги смени своето заканувачко, дестабилизирачко однесување и да се реинтегрира во глобалната економија или да продолжи по патот на економска изолација, посочи Трамп.
Тој предупреди дека сите тие кои нема да ги прекинат економските врски со Иран „ризикуваат тешки последици“.
Санкциите, кои се насочени кон финансиските трансакции, увозот на суровини, како и на автомобилскиот сектор и комерцијалната авијација, стапуваат во сила утре. Од ноември треба повторно се воведат и санцкиите врз увозот на иранска нафта.
САД се повлече од мултилатералниот Договорот за иранската нуклеарна програма во мај, и им остави на другите партнери транзициски период пред да ги воведе повторно санкциите. Договорот е потпишан во 2015 година, со кој се ограничува производството на збогатен ураниум во Иран, клучна состојка за создавање нуклеарно оружје. За возврат беа укинати низа санкции кон Иран, што и овозможи на државата да си поврати милионски суми замрзнати во западни банки.
Европската унија во текот на денот изрази жалење поради одлуката на САД за враќање на претходно укинатите санкции кон Иран и најави дека од утре ќе стапат во сила мерките за заштита на интересите на европските компании што соработуваат со ирански фирми.
– Длабоко жалиме затоа што САД ги враќаат санкциите по нивното повлекување од Заедничкиот сеопфатен акциски план, се наведува во заедничко соопштние на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и шефовите на дипломатиите на Велика Британија, Германија и Франција.
Заеднички сеопфатен акциски план е официјалниот назив на договорот за иранската нуклеарна програма, што во 2015 година го постигнаа Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија.
Во соопштението се нагласува и дека од утре ќе стапат во сила мерките на ЕУ за заштита на европските компании што соработуваат со Иран „од последиците на американските санции“.
– Решени сме да ги заштитиме европските компании кои водат легален бизнис со Иран во согласност со законодавството на ЕУ и резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ОН, се нагласува во соопштението.
Повеќе за ова на МИА