3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Прави што ќе правиш, на слава, свадба и роденден во игротека мора да отидеш по секоја цена

„Што е Господ на небото, тоа е кумот на земјата. Не може да се одбие кумството сине, голем грев е“.

Стојам и молчам додека татко ми си проповеда и ми ја раскажува историјата за некоеси старо кумство кое започнало кога јас не сум бил ниту роден. Пред нас седи идниот среќен пар чии партнери сум ги видел максимум еднаш или два пати во животот.

Принуден сум да прифатам и да бидам кум на луѓе кои ми се практично странци. Му се чудам на татко ми со кој памет ме убедува дека ова кумство не смее да се одбие.

Им се чудам ним на паметот што, исто така, немаат ум и авторитет да изустат – кое е бре ова детиште, каков црн кум, си имаме ние другари, другарки или роднини кои повеќе ни одговараат за таа улога.

И секако, му се чудам на нашето општество како и покрај напредокот и современоста, сè уште нè држи заробени и врзани со синџирите на некои стари и по малку бесмислени обичаи и традиции.

Робови сме им на ваквите убедувања, воспоставени практики во кои најсилниот аргумент за нивното исполнување е – „Срамота е, што ќе речат или ќе си помислат другите“.

Срамота е, те викнале таму и таму, а ти не сакаш да одиш? Греота е, кумство е таква чест која не се одбива, а ти размислуваш да одбиеш?

Не, не е срамота. Не, не е ниту греота. Тоа што очигледно постарите генерации морале да следат некакви си утврдени правила на „коректно однесување“ по секоја цена не значи дека и ние треба да ги следиме. Можеби таквите правила им биле добри или им одговарале, нам не ни одговараат.

Не ми е јасно зошто постојано мора да патиме и да се расправаме на овие теми, во кои нема победник. Едноставно, после исцрпувачки долгата дебата, се потсредувате и еве ве – сите „тупнати“ на слава кај домаќините кои ви се безмалку никој и ништо во животот. Ама од дома рекле дека МОРА да се оди. И точка.

Вие нерасположени, тие нерасположени, домаќините по малку дезориентирани и збунети. Се прашувате дали толку беше неопходно вашето присуство и дали некој ќе забележеше дека ќе ве нема или ќе ѝ недостасувавте на оваа карма-каша од 60-тина и кусур гости.

Секако дека не. Секако дека не сте најбитни, ниту неопходни. Од дома упорно ни всадуваат колку ќе се навредиле луѓето, домаќините ако не возвратите на поканата со присуство, чиниш срцето ќе им препукне.

А слободно може да се констатира дека ним воопшто не им е гајле.

Парадоксално и по малку смешно, младите на коишто им кумував се разведоа по неколку месеци. Не сакам да мислам дека јас сум бил малерот, иако кога таквото кумство е принудно и по секоја цена оти е „старо“ и наследено па мораш да го истрпиш дава и вакви негативни резултати.

Сега сум повозрасен и ретко кога родителите може да ми командуваат како што тоа го правеа додека бев помлад и очигледно немав право на глас.

Единствениот облик на ваква тортура која е сега актуелна, а потсетува на задолжителното присуство од минатото е прославата на детски роденден во игротека.

По неколку такви родендени каде што навистина не ја сфаќате поканата и своето одвишно присуство (со исклучок на најблиските внуци или роднини секако), поентата е – што мислите дека би правел човек кој е неженет и без деца на детски роденден со 30-тина деца и нивните родители, а славеникот е второто дете на вашата колешка од работа?

Од тој момент па натаму сосема културно се објаснивме дека нема потреба да ме покануваат, ниту пак јас да одам на ваквите прослави, барем засега додека сум без обврски.

Испадна дека и ним им е така подобро и полесно, на моето место ќе дојде некој кој очигледно сака да дојде, со дечиња кои ќе се радуваат и ќе уживаат, наместо поканетиов гостин кој ќе се проѕева и ќе се досадува во некое ќоше, откако претходно неколку пати одговорил дека не, не планира да се жени набрзо, ниту да прави деца наскоро.

Што се однесува до старото кумство, помладиот брат на несреќникот кој се разведе под присила на родителите (познато сценарио, нели?) мораше куртоазно да ме праша дали сакам да му бидам кум.

Куртоазно одбив без размислување. Мислам дека и нему му олесна, секако дека тој човек има другари кои радо би ги видел во улогата на кумови, наместо непознатиов од „старото кумство кое не е вода“.

Сега е лето, слави и нема толку многу, може да се здивне додека не застуди. А тогаш, повторно ќе започне малата тивка војна со домашните и убедувањата како е „срамота да не се отиде некаде“ или „што ќе кажат другите“.

Кога ли конечно ќе престанеме со овој наш синдром, се прашувам само?

поврзани објави

Последни објави