3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Ми се смеат врсниците во училште бидејќи татко ми собира железо и пластика по улици

Никогаш не знаеш што ќе ти донесе животот. Некогаш можеш да бидеш горе, но некогаш за кратко време можеш да паднеш многу ниско.

Кога бев мал работеа и мајка ми и татко ми. Не живеевме тогаш како и речиси сите други роми. Немавме нешто многу, но имавме за нормален живот. Што е најважно имавме, имаме и денеска кров на глава.

Но, како и во секој дом, тоа време, истото се случи и кај нас. И мајка ми и татко ми останаа без работа. Живеевме само од парите на дедо ми, кој дома во подрум сам правеше дрвени буриња, а потоа ги продаваше. Но, тој за жал почина, и нашата голгота започна.

Јас одам во училиште. Имам уште две сестри и еден брат, сите се помали од мене.

Моите родители мора да се снаоѓаат некако за нас, за домот. Мора да работат. Не се срамат од ништо. Почнаа да собираат железо по улиците, пластика, па потоа ги продаваа. Мајка ми од време на време чисти во некоја канцеларија кога некој ќе ја викне. Речиси да немаме ни за основни работи во животот.

И така на сета таа мака, дополнителен проблем ми се моите врсници во училиштето. Тие секојдневно ми се смеат бидејќи сум сиромашeн, одоносно поради тоа што мојот татко собира железо, алуминиум, пластика и други слични работи по градот… Ми зборуваат дека сум ѓубрар, дека смрдам и уште многу други одвратни работи.

Професорите многу пати до сега го слушнаа тоа, но никогаш не ме заштитија.

Секој ден кога ќе тргнам во училиште многу се плашам. Јас одам напред, а нозете ми се враќаат назад. И не дека сум лош ученик. Но, секогаш јас сум тој кој е предмет на исмејување. Ми велат дека залудно губам време во училиште, кога можам, да излезам надвор, дека на улицата ми е место, а не во училница.

Јас не се срамам од моите родители, но моите врсници ми го прават хорор мојот живот. Не им посакувам ништо лошо, но секој пат кругот се врти.

поврзани објави

Последни објави