7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Наше дете

Полека се ближиме до денот на независноста и би изразил длабока почит кон сите оние кои имаа искрени намери да создадат сопствена држава, армија, репрезентација… но што правиме со овие другите кои цело време ги гледаме на сцената и само знам дека создадоа школски пример, но незнам во кој учебник би го сместил дали во криминалистика, економија или можеби во уметност.
Се само некако истите ликови се вртат во круг и прашањето е дали воопшто се противници или добри бизнис партнери кои сепак се ривали само поради “касата”.

Гледаме по некој нов лидер кој повеќе личи како да пее срцепарачки песни отколку да дава изјави, министри кои се таму каде што се за да ја тродуплираат сметката која некој друг ја направил за да ги заменат претходните и… имало наместени тендери, па дали има полесен начин за враќање на “долгот” од парите на граѓаните?

Ситната боранија најпрво се смести лево-десно колку да не “џавкаат” и на ред доаѓа НАШЕТО ДЕТЕ… е тоа е првото поглавје од планот 369 до каде сме стигнати и заглавени. Тоа се работните места за кои би сакал да ги запрашам министрите и оние задолжените за нивното делење според кој план се чуваат за фамилиите на функционерите од власта (поранешни и сегашни) или нивните биснис партнери кои загреота немаат со што да ги прехранат своите деца. Со кој план свекрви, тетки, мајки… како сегашни началнички, директорки и патриски функционери ги вработуваат своите деца и роднини во администрација, здравствени установи и сл. (со исклучок на оние кои навистина заслужуваат)?

Тука неможам а да не го спомнам последниот конкурс за вработување во здравствените установи во Битола како “најтазе бојно поле” за мерење на силата (само колку да го потсетам министерот ако воопшто го интересира). Или уште полошо “нашето дете” од бизнис партнерите кои одвоиле некој денар од своите милионски сметки за партијата со некое шалтерско искуство или забрзан курс да го заземе местото на некој кој има неспоредливо поголемо образование, искуство и квалитет во својата биографија. Зарем ова е резултатот на претходно срушениот режим и градење на европски вредности? Зарем ова вашето не е режим само затоа што сте многу “тивки и повлечени”? Не заборавајте дека сите ние учевствувавме во тоа рушење се само со една цел дека конечно ќе изградиме нешто квалитетно и не дека вие сте многу способни, туку дека некој ќе ве контролира и ќе внимава на вас. Сите ние се стремиме кон Европската унија, но патот до таму води со реформи во правосудството, образованието, здравството…, а не со ова што го гледаме… Немој да мислите дека сте успешни и дека некој ќе ви го прости сето ова… Не заборавајте дека има и такви на кои Европската унија му е внатрешна, а не надворешна политика.

И за крај би го прашал премиерот, а и тие претходните што да му одговорат родителите на своите деца кога ќе ги прашаат каде беа сите тие години кога најповеќе му беа потребни. Немам толкава злоба во мене да ви посакам да го доживеете тоа чувство кога ќе го вложите сиот свој живот во тоа од своите деца да изградите чесни и трудољубиви луѓе и за миг да ги изгубите некаде низ светот со цел да бараат достоинствен живот кој неможат да го најдат во сопствената татковина.

Не ја заборавајте онаа “нема правда, нема мир” затоа што од правдата нема ни “п”, а и мирот е привремен…

Автор: Благојче Трајковски, Член на УК на ГДУ

поврзани објави

Последни објави