Добро познат рецепт за вкусни везени пиперки, кои се наречени според начинот на подготовка „печи-гмечи“.
Потребни состојки:
5 кг везени пиперки
2 китки магдонос – ситно сецкан
2 чешниња лук ситно сецкан
1,2 л јаболков оцет
300 мл масло
20 лажички сол
10 лажички шеќер
Постапка:
Целата филозофија во правењето на овој рецепт е во топлите запечени пиперки, кои се гмечат- притискаат со толчник и се редат додека не се исполни теглата.
Не треба да останува водзух меѓу нив, за да не се расипат. Затоа се притискаат многу силно. Од таму и името „печи-гмечи“.
Пиперките ги потпекуваме и ги затоплуваме. Во топли стерилни тегли се ставаат 5-6 пиперки, се прелеваат со оцет, се става 1 шака магдонос, прстофат лук и 1 лажичка сол.
Веднаш се притискаат со толчник, убаво, целиот воздух да се истисне. Теглата ќе биде полна околу 1/3. Потоа се става 2 ред пиперки, исто одприлика 5-6, зависно од големината.
Овој пат се става шака магдонос, прстофат лук, 2 лажици масло и 1 лажичка шеќер, се прелева со оцет и повторно се стискаат за да искочи воздухот и убаво да се нагмечат.
Тогаш теглата ќе ви биде полна 2/3. Послениот пат дополнуваме со пиперки потпечени, убаво ги редиме и притискаме.
До крај дополнуваме со оцет, да бидат покриени пиперките со течност, ставеме 1 лажичка сол, магдонос и лук и веднаш затвараме.
Се редат теглите во поголема корпа, се мотаат во ќебе и се оставаат така замотани да се ладат до наредниот ден.
Ова е доза за 10 тегли. На секоја тегла оди 1 лажичка шеќер-во средина и 2 лажички сол, горе и доле. Користете големи тегли, од 750 мл.