Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини денеска заедно со премиерот Зоран Заев од Стразбур пристигна во Република Македонија, каде што беше топло пречекана од страна на високи претставници на македонскиот државен и политички врв во скопската чаршија.
Могерини се сретна и со претседателот Иванов кој го повтори својот став дека е за членство во ЕУ и НАТО, но не за сметка на македонските национални интереси.
Како што соопштија од неговиот кабинет, претседателот Иванов порачал дека „стратешките цели не смеат да се злоупотребуваат на сметка на националните интереси и интересите на македонскиот народ“.
– Мојот став е непроменет. Стратешка цел на Република Македонија е членство во Европската унија и во НАТО. Но, ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, одошто се затвораат, рекол Иванов на средбата со Могерини.