Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, својата официјална посета на Македонија ја започна со средба со собранискиот спикер, Талат Џафери. Соговорниците констатираа дека парламентите на двете земји треба да ја засилат соработката на ниво на групи на комисиите и на собраниските служби. Во име на Албанија, Бушати ги повика сите граѓани на 30-ти септември да излезат и да го поддржат историскиот договор со Грција. Албанскиот дипломат, истакна дека Албанија како земја-членка на НАТО ќе продолжи безусловно да го поддржува членството на Македонија во Северно-атлантските структури.
„Во име на Албанија, да се придружиме на сите пријатели на вашата земја, повикувајќи ги сите, особено Албанците кои живеат тука да дадат поддршка на историскиот Преспански договор, бидејќи без оглед на тоа што овој договор честопати се смета како договор за решавање на прашањето за името, всушност овој договор има големо значење за демократската стабилност во нашиот регион, како и за нашата заедничка евроатланска перспектива. Затоа, на 30-ти септември го посакувам најдоброто за нашата соседна Македонија.“, изјави Дитмир Бушати, министер за надворешни работи на Албанија.
Шефот на македонската дипломатија пак, Никола Димитров, вели дека со неговиот колега разговарале за наредната заедничка седница на двете Влади, но и за неколку други заеднички проекти.
Бушати се сретна и со вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој побара Албанија да биде гласот на Македонија во НАТО.
ИЗВОР: tv21tv – ОВДЕ целиот напис