Во 2006 година родителите ми се разведоа… Тогаш имав девет години, се сеќавам на нивните кавги, кршења чаши, летање на чинии, пцофки, клетви, трескања врати, хистерично плачење…. а потоа одеднаш тишина…
Како деветгодишно девојче тогаш многу се плашев и се повлеков во себеси. Не знаев како да се однесувам и како треба да се чувствувам. Бев зрела за своја возраст и морам да признаам дека малку ми олесна што се разделија и што не живееме повеќе заедно. Си помислив: „Во ред, ако веќе не можат да бидат среќни заедно, тогаш нека си најдат среќа со некој друг“.
Нивниот развод колку што ми даде олеснување, толку ми падна и тешко, бидејќи сепак, во мојот детски свет постоеја мама и тато. Сепак, не сакав да ги гледам несреќни и да останат сами, па уште тогаш знаев дека кога тогаш и јас еден ден ќе се омажам и ќе си заминам од кај нив…
И двајцата си најдоа среќа покрај други, а јас тие луѓе ги прифатив одлично, бидејќи бев среќна кога и нив ги гледав среќни. Мама се премажи за еден стабилен човек, доктор, смирен и грижлив кој го сакам како втор татко.
Тато се прежени за помлада учителка, но и од таа страна не можам да се пожалам, бидејќи секогаш се трудеше во нејзино присуство да се чувствувам пријатно. Дванаесет години подоцна го запознав НЕГО, единственото момче кое навистина ме прави среќна. Мајка ми супер го прифати, како свој син. Одамна доаѓа кај нас дома на гости, на ручек, на вечера…
А татко ми не го прифати. И тоа само поради тоа што пред мене бил женет со друга, со која НЕМАЛ деца, бидејќи сум била многу млада и поради некои луѓе кои му ја наполнија главата со разни глупости за него. Не можев да си поверувам кога ми рече да бирам помеѓу нив двајцата! Го одбрав својот, сега веќе сопруг и не се каам. Но сакам едно да му порачам на мојот татко, со кого веќе не зборувам и срцето ми се кине поради тоа:
„ДРАГ ТАТО, ЈАС ТЕБЕ НЕ ТЕ ТЕРАВ ДА БИРАШ ПОМЕЃУ МЕНЕ И ТВОЈАТА ЖЕНА, ТЕ „ТЕРАВ“ ДА БИДЕШ СРЕЌЕН. СЕГА КОНЕЧНО ДОЈДЕ РЕД НА МЕНЕ, И ЈАС ДА БИДАМ СРЕЌНА. ЖАЛ МИ Е ШТО ДРУГИ РАБОТИ ТИ БЕА ПОВАЖНИ ОД СРЕЌАТА НА РОДЕНОТО ДЕТЕ!.“
С.П.
Овој текст е авторски и е превземен со одобрение од редакцијата на Галама.