Љубомир Фрчковски во гостувањето во емисијата Click Plus го искритикува своевремено својот соработник Бранко Црвенковски дека дал премногу неубедлив став за референдумот на 30 септември и дека не и дал доволна поддршка на актуелната владеачка номенклатура на СДСМ во промовирањето на Спогодбата од Преспа во позитивен контекст и борбата за интегрирање во ЕУ и НАТО.
Добро е што Бранко Црвенковски го поддржал референдумот и се изјаснил дека ќе гласа „ЗА“. Мене не ми се допаѓа тонот на пораката која во себе содржи ароганција и дистанца кон оваа политичка елита од неговата партија бидејќи таа тоа не го заслужува.
Бранко Црвенковски во основа никогаш не се бавел со прашањето на спорот за името. Единствено се занимавал со ова прашање на самитот во Букурешт, кога заедно со Груевски се согласија за „Република Македонија (Скопје)“, но тоа не помина“, рече Фрчковски во вечерашното издание на Click Plus на ТВ 21.
Поранешниот министер во владата на СДСМ која ја предводеше Црвенковски анализира дека нема да има големи и драматични административни, правни и политички последици при имплементирањето на преспанскиот договор во периодот што ќе следува.
„Последиците се несомнено добри за нас. Ние нема да имаме никакви големи драматични последици, иако сега во изјавите се обидуваат да бидат умерени или дека ќе биде тешко. Уствари нема да биде ништо тешко. Ќе има промена кај државните институции кои се поврзуваат со финансирањето од буџетот и го користат името. По договорот тие ќе го користат новото име, со кое на никој начин не го навредува нашиот идентитет“, изјави Фрчковски.
Црвенковски во средата преку писмо истакна дека ќе гласа на референдумот на 30 септември, но не поради Владата и самиот договор, туку затоа што земјата ќе остане нестабилна и нема да бележи развој ако остане надвор од ЕУ и НАТО.