На денешното рочиште за настаните од 27 април 2017 година, пратеникот Ферид Мухиќ, изјави дека дошол до впечаток дека позади се, постои команден штаб. Тој успеал да наслушне одредени дијалози додека се криел во една од салите во Собранието.
„Првата работа беше кога дојде некој човек кој праша: „Што стана со Села?”. Следеше одговор: „Села е готов”. „А останатите?”, праша гласот на што одговорот беше: „Ќе видиме, засега е само Села”. Односот на авторитетот на тој што прашуваше и тој што одговараше ми сугерираше за некаква хиерархиска поставеност помеѓу нив. Вториот момент е кога еден човек со капулјача на глава, црна маичка и бермуди дојде, ме виде и дури пријателски ми рече да останеме тука и да не излегуваме. Потоа дојде еден друг глас и рече: „Изгледа дека доаѓаат шиптарите со оружје”. Овој рече: „Провери, не брзај ако е точно дај им оружје на луѓето”, изјави Мухиќ, сведочејќи во Кривичниот суд за настаните од 27 април ланската година.
Обвинителката го запраша како се чувствувал во тој момент, на што тој одговори дека стравот никогаш не била негова карактеристика, но додаде дека бил длабоко потресен. Мухиќ рече дека бил разочаран од неговите колеги од ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека тие ќе застанат пред демонстрантите и ќе кажат дека Собранието е заеднички дом.
„Имам добра меморија, не заборавам, но простувам“, рече Мухиќ.