Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, во свое обраќање кон јавноста изјави дека прашањето за границите на Косово претставува опасност по стабилноста на целиот регион.
„Границите на Косово се воспоставени со (војнички) чизми, а не позади маси и во преговори… Доколку тие се поместат, многу војнички чизми од двете страни ќе бидат повторно потребни“, изјави Рамуш Харадинај за телевизијата Клан со седиште во Тирана.
Како што вели тој, нема да прифати никаков договор со Белград, во кој се зборува за измена на границите.
„По сето она што се случи, не можам да верувам дека претседателот Тачи го смета тоа за сериозен проект. Мислам дека тоа е дел од неговата политичка тактика“, заклучи Харадинај.
Според косовските медиуми, Харадинај започнал преговори со неговиот колега од Албанија, Еди Рама, за целосно исфрлање на границите помеѓу Косово и Албанија, бидејќи кога патувал за Тирана, половина час чекал за влез во Албанија и половина час за влез во Косово.
„Се надевам на тоа. Конечно. Ќе има камери. Ќе се следи, но нема да има физички препреки, нема да има присутна физичка контрола“, додаде Харадинај.