Премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов и вториот човек на бугарската влада, министерот за одбрана Красимир Каракачанов во изминатиов период излегоа со идентични изјави во однос на зачленувањето на Македонија во Европската Унија.
Имено, најпрвин на 09.08.2018, бугарскиот премиер Бојко Борисов излезе со изјава: „Секој треба да пази што зборува, тоа си е на негова штета“, мислејќи на изјавата на премиерот Заев за македонските медиуми во која тој вели дека Илинденското востание е македонско.
Веќе, месец дена подоцна, пред само 24 часа, бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов испрати порака до македонскиот премиер дека старите финти веќе не поминуваат и дека е можно Бугарија да не ја поддржи Македонија за влез во ЕУ и НАТО, нормално, доколку македонската страна продолжи да ги користите методите на минатата политичка гарнитура која владееше со Република Македонија.
„Не верувам дека сегашните политичари се разликуваат по нешто од старите. Се надевам дека ќе имаат повеќе разум и ако си мислат дека со старите финти – прво да зборуваат едно во Софија, едно во Брисел, а друго во Скопје и да си мислат дека финтата ќе им помине – тоа нема да се случи. Ако си мислат дека Бугарија ќе ги поддржи утре за членство во НАТО и во ЕУ и тие да си ги прават старите финти, тоа исто така нема да се случи.
Процесот на воведување на бугарско самосознание во Македонија е неповратен. Нашата цел е да ја натераме македонската Влада да се однесува според европските норми и правила и да ги почитува“, изјави Каракачанов.
Дали овие изјави се координирани и дали некој од македонска страна има гаранција дека доколку го решиме спорот со Грција, нема да имаме кочница од Бугарија како членка на ЕУ и НАТО за евентуален влез на Македонија во европското семејство, останува да видиме.