3.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

На 30-ти септември, НЕ ГЛАСАМ

Пред речиси четири месеци, обраќајќи му се јавно на Зоран Заев, преку колумна, му порачав:

„На крај, претседателе на Владата, ќе се обидам да ти се обратам пријателски, на лесно разбирлив јазик, како некој што лично го познаваш, некој што порано многу пати ти подал рака и си го почитувал. Зоки, другарче, немој. Врати се чекор назад. Раскини го договорот со душманите. Нѐ не носи сите во провалијата од која нема да излеземе повеќе на површина.

Од живата кал во економијата во која не внесувате, од лагите и од осиромашувањето, ќе излеземе некако, со многу труд, со работа, со желба, со чесност. И белата чума ќе ја искорениме. Но, ако сега ја турнеш Република Македонија во провалијата на обезличувањето и обезкоренувањето, нема никогаш повеќе да можеме да ја повратиме. Не постои начин.

Ќе направиш од нашиот народ крпа за бришење. Ќе ни го сотреш семето и ќе ни ги уништиш поколенијата. И моето, и на моите блиски, но и твоето и на твоите блиски. Не ги прави да бидат луѓе без корен, без огниште, без свој дом. Не ги обезличувај нашите поколенија. Остави ги да бидат тоа што се – Македонци!“

Кога му го порачав ова, човечки и искрено од моја страна, се надевав дека можеби останало нешто човечно, нешто Македонско и во него. За жал, не останало.

Денеска, кога се наближува 30-ти Септември, денот на кој Македонскиот народ треба да одлучи за своето постоење, за своето минато и својата иднина, се обраќам јавно до секој Македонец, до секој родољуб, патриот, до секој чесен и честит домаќин, земјоделец, работник, до секој млад кој се родил во слободна и независна Република Македонија.

Јас, Димитар Димовски, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ; родум од Берово, Република Македонија, НАШАТА МАКЕДОНИЈА; сопруг и горд родител на две деца Македонски, кои ги љубам повеќе од себе си; син на мајка и татко Македонци, чесни работници; внук на дедо Љубомир, носител на одликувања од НОБ; правнук на дедо Давитко, носител на Илинденска споменица; НЕМА ДА ИЗЛЕЗАМ ДА ГЛАСАМ НА ПРЕТСТОЈНИОТ РЕФЕРЕНДУМ.

Нема да излезам да гласам за укинување на нашата историја, нашата култура, нашиот идентитет. Нема да излезам да гласам за да не им се превртуваат коските на моите претци во гробовите.

Нема да излезам да гласам, за моите деца и нивните идни потомци, но и Вашите деца и нивните идни поколенија, да не бидат обезличени, да не бидат дрво без корен.

Нема да излезам да гласам, бидејќи не се гласа ниту за НАТО, ниту за Европска Македонија, како што лажат јавно, туку ќе се гласа за Северна Македонија, за создавање на нов, вештачки народ, за уништување на Македонскиот народ и за ништо друго.

Нема да излезам да гласам, за да не им дадам легитимитет на велепредавството и лагите на Зоран Заев и останатата армадила домашни душмани на Македонија. Нема да бидам соучесник во овој нај капитулантски и кукавички чин кој и го прават на Македонија.

Секој од Вас, нека се погледне во душата и во срцето и нека си најде своја причина за да покаже дека е Македонски непокор, Македонски пиреј, дека со право се нарекува Горд Македонец. Секој од Вас, нека се одважи и нека не дозволи да бидеме никој, ништо и од нигде. Нека се одважи да ја сочува Република Македонија и Македонскиот народ.

На 30-ти Септември, јас како православен христијанин, ќе го празнувам големиот христијански празник „Вера, Љубов и Надеж“, со голема верба во македонскиот народ и неговата мудрост, со љубов кон ближните и мајка Македонија и со надеж дека Македонскиот пркос ќе биде по силен од кога и да ѐ до сега.

Димитар Димовски

Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

поврзани објави

Последни објави