Според опозициски извори, нивни групи ќе ги одвраќаат гласачите од изјаснување на референдумот. Мицкоски тврди дека нема „тајни комитети“, Спасовски најавува санкции за попречување на правото на глас, ЈО формира Комисија, пишува Дојче веле.
Групи од членови и поддржувачи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои ја застапуваат идејата за бојкот, наводно, на денот на референдумот, ќе бидат во близина на гласачките места, со цел со своето присуство и пораки да ги одвратат од гласање членовите на партијата, но и други граѓани кои решиле да излезат на гласање, тврдат извори од опозицијата.
„Присуството на овие групи треба да има психолошки ефект. Со самото нивно присуство во близина на гласачките места, ќе испратат порака дека гледаат и евидентираат кои од членовите и декларирани поддржувачи на партијата или нивни соседи и познаници дошле на гласање. Ако треба и со вербални пораки од типот ‘уааа, предавници’ или ‘зарем и вие браќа ќе гласате за овој срамен договор’, ќе се обидат да ги одвратат од изјаснување на референдумот. Проценка е дека полицијата не може да има толку екипи во близина на гласачките места, колку што може да ги има опозицијата поддржана од народот. Таму треба да бидат од отворање до затворање на гласачките места, за да се види дали повторно ќе дојдат на гласање оние кои по пораките од овие групи еднаш засрамени веќе си заминале“, велат опозициски извори, додавајќи дека „тие групи би стоеле на соодветна дистанца што не се коси со законот“.
Санкции за попречување на правото за изјаснување
Но, она што се коси со законот е спречување на граѓаните да го изразат нивното демократско право на глас. Во изминатиот период на социјалните мрежи циркулираше и објава од активисти на организации поврзани со кампањата за бојкотирање на референдумот, дека се организираат на денот на гласањето да постават волонтери со камери пред избирачките места за да снимаат кој излегол да гласа. Наводно, мотивот бил да се обезбеди доказен материјал за излезноста, да се спречат можни обиди за лажирање на бројката на граѓани кои гласале, но и и да се види „кои биле предавниците“.
Нема податоци дали МВР има сознанија за вакви наводни планови, но се чини дека не е случајно тоа што министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера имаше видео-обраќање токму на оваа тема.
„Правото на глас е неприкосновено и никој не смее да го загрози. Тајноста на гласот е гарантирана, а институциите ќе гарантираат беспрекорно спроведување на референдумот на 30-ти септември. Секој граѓанин треба да гласа по сопствено убедување и сопствена волја. Гласот на граѓаните одлучува за иднината на Македонија“, порача Спасовски.
Притоа потенцираше дека полицијата „е на висина на задачата да овозможи демократски гласачки амбиент и слободно изразување на волјата на граѓаните“, и најави дека ќе биде санкциониран секој обид за попречување на правото на глас.
„Македонија е слободна демократска земја. Секаков вид притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран согласно со законите. Ова важи и за активностите на интернет. Секој обид за попречување на остварувањето на правото на глас ќе биде санкциониран“, порача Спасовски.
Јавното обвинителство минатата недела информираше дека формира Привремена Комисија која ќе следи евентуални противправности на рефрендумот со извршување кривични дела против изборите и гласањето и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот. Комисијата ќе ја предводи обвинителот Џељаљ Бајрами, а во неа ќе челенуваат и по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства.
„Јавното обвинителство преку Привремената Комисија за следење на евентуални противправности ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организирањето и спроведувањето на референдумот, да достават пријава до Комисијата на електронската адреса“, повикаа од ЈО.
Мицкоски: Нема тајни комитети
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од опозицискиот марш вчера во Охрид и самиот кусо се осврна и ги демантираше наводите за планирани партиски активности против слободното изјаснување на референдумот.
„Се изнаслушав сѐ овие денови и јасно и гласно ќе го повторам следното: ВМРО-ДПМНЕ нема план за бојкот или апстиненција, ниту тајни комитети како што некој сака да каже, ниту било што друго сѐ со цел да се мистифицира и заплаши народот. Излегувме чисто и го кажуваме нашиот став, оставаме народот да одлучи како ќе постапи, бидејќи сите аргументи се на маса, со сите лоши страни и штетни членови во договорот. Народот е пред голема одлука“, рече Мицкоски.
Во истото обраќање го искажа и неговиот став кон функционирањето на правдата и правната држава. Говорот во Охрид го започна токму со поздрав на дел од обвинетите за насилства од 27-ми април, кои живеат во Охрид и околината, и ги нарече „малтретирани и измачувани од Владата на СДСМ и Зоран Заев“ .
„Ја користам оваа прилика пред вас во Охрид да им се заблагодарам на сите охриѓани, но и да ве замолам вас присутните овде, да им дадеме еден громогласен аплауз на Љубен (Арнаудов), на Сашо (Василевски), на Боби (Богдан Илиевски) и на Крсто (Мукоски), современите војводи, комити, гемиџии, кои што секојдневно се малтретирани и измачувани од страна на Владата на СДСМ и Зоран Заев“, порача Мицкоски од присутните.