Некои се уште се на годишен одмор, а во Грција каде повеќето наши туристи се уште летуваат, падна првиот снег уште сега.
Многу туристи кои се уште го „трошат“ својот годишен одмор ширум летувалиштата во Грција, беа изненадени од призорот што го затекнаа деновиве. Имено, тие заминаа на летување, а таму е вистинска зима.
Во централниот дел од земјата падна и првиот снег
Не е необично во оваа земја да врне снег, но годинава дојде навистина рано. И тоа во септември, кога летувалиштата се уште се полни.
Секако, белиот појас се задржа во планинските предели, но температурите паднаа и во другите делови од земјата.
Забрана за пловидба на бродови од трите атински пристаништа, затворени училишта на неколку грчки острови, откорнат дел од покрив на училиште, паднати дрва, снег на планината Олимп донесе невремето во Грција односно бурата што од грчките метеоролози го доби името Ксенофон.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во основно училиште во една атинска населба, утрово, силниот ветер откорна дел од покривот, но за среќа никој не е повреден, иако според грчките медиуми, во дворот на училиштето имало ученици.
На островите Тинос, Андрос и Миконос, кои што се дел од групата Кикладски Острови, денеска училиштата се затворени, поради силниот ветер.
А токму силниот ветер е причина за бродовите да останат закотвени во трите атински пристаништа, Пиреас, Лаврио и Рафина.
Од силниот ветер паднаа дрва во различни делови на Грција, а од грчката противпожарна служба соопштија дека во изминатите 24 часа добиле 55 повици за сечење дрва и отстранување предмети.
Ксенофон освен што драстично ги намали температурите во цела Грција, донесе и снег на планината Олимп.
Погледнете како изгледа снегот во Грција кога не му е време.