Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција речиси 18 месеци води истрага за изборни измами во кои беа осомничени Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев, како и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пренесува Лидер.мк.
Како што пишуваше НетПрес во март лани, станува збор за сомненија за нелегално финансирање на кампањата и корупција при изборниот процес, односно купување на гласови или правно влијание врз волјата на гласачите.
-Во предметите за кои покажувате интерес надлежните обвинители ги анализираат прибраните докази, по што ќе бидат донесени соодветни јавнообвинителски одлуки за кои јавноста навремено ќе биде информирана, велат од ОЈО, пренесе НетПрес.
Обвинителството на почетокот на 2017 година го објави ова соопштение:
-Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори две истражни постапки поврзани со изборни нерегуларности за време на парламентарните избори и изборите за претседател на Република Македонија, одржани во април 2014 година, и предвремените парламентарни избори одржани во декември 2016 година. Во истражните постапки опфатени се повеќе лица, помеѓу кои и поранешни високи претставници на Министерството за внатрешни работи, на локална самоуправа и носители на високи функции во одредена политичка партија. Постои основано сомнение дека осомничените како организирани групи го сториле делото преку нудење, давање или ветување на подарок или друга корист за да придобијат лица со избирачко право. Влијанието над лицата од две изборни единици, имало за цел определен начин на вршење на избирачкото право.
Според информациите кои тогаш ги имаше НетПрес од истражните органи, предмет на истрага се илјадници гласови кои биле купени за стотици илјади евра. Освен парите, се проверувала и поврзаноста и нудењето на разни други услуги во замена за гласови, како условување со вработувања, тендери преку кои потоа се финасирала кампањата и разни активности преку т.н. невладин сектор. Неофицијално, изворите од истрагата за Нетпрес велеа дека Вице Заев наводно бил фатен како дели пари на ромското население во Турското маало во Струмица, и дека за тоа имало и докази.
За случајот од 2014 година, медиумите објавија дека Обвинителството одзело компјутери од општината Струмица, за кои се претпоставува дека содржат податоци корисни за истрагата. Додека за случајот од декември, 2016 година, медиумите објавија дека е извршен претрес во домот на началникот на кумановската полиција. Но, и по дури 18 месеци истражни дејствија, обвинителството сеуште нема никакви конкретни информации да сподели со јавноста во врска со овие сомневања за изборен криминал.
Извор: Лидер.мк