Гласањето на пратеникот Крсто Мукоски за амандмански интервенции во Уставот ги разочара и четворицата советници на ВМРО-ДПМНЕ и сограѓани од Вевчани, кои во декември дадоа оставка по неговото приведување за настаните од 27 април.
Во единствениот таков случај во самостојна Македонија сите четворица вмровски советници во Совет на Општина Вевчани на 2 декември 2017 година дадоа неотповикливи оставки меѓу другото и во знак на солидарност со Мукоски.
Освен четворицата, поддршка за вевчанскиот пратеник изразија и преостанатите петмина од листата на партијата на последните локални избори во оваа општина, ветувајќи бојкот на работата на Советот во кој мнозинство од пет советници има СДСМ.
Како еден од триесетина уапсени за настаните во Собрание по октроирањето на Талат Џафери за собраниски спикер, Мукоски остана запаметен како пејач на македонската химна на срамната седница на која по него од собраниската говорница пратеникот на БЕСА, Зекирија Ибраими, ја испеа и албанската химна.
На Мукоски му беше укинат домашниот притвор само еден ден пред собраниската седница од петокот, на која тој и уште седуммина опозициски пратеници ѝ обезбедија двотретинско мнозинство на власта за отворање на Уставот за промени во согласност со Преспански договор.
Веднаш по гласањето спротивно на партискиот став, Мукоски беше исклучен од членство во партијата што освои најмногу пратенички места (51) на последните парламентарни избори пред две години.