Како што пренесува порталот Skopje1.mk, пратениците кои се исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, а кои гласаа за договорот од Преспа ќе формираат своја пратеничка група, а како контраудар на ВМРО-ДПМНЕ повисоки инстанци и центри на моќ им подготвуваат и партиска рамка со вмровски народен предзнак.
Како што информира порталот, според нивни извори, како една од најсигурните опции е трансфер на пратениците ВМРО Народна Партија, со што пратениците ќе добијат партиски закрила кои ќе им овозможат да се презентираат во јавноста како т.н. „Европско ВМРО“.
Со овој чекор, пратениците ќе добијат поголема моќ во соработка со првиот лидер на партијата Љубчо Георгиевски, кој пак жестоко го критикуваше и поранешното, но и сегашното раководство на партијата за неговите потези.
Партијата на Георгиевски важи за проевропска партија која во минатото се залагаше за решавање на спорот за името, со конечна цел влез во европското семејство и НАТО. Дали ова ќе стане реалност или се сведува на шпекулации изнесени од медиумот Skopje1.mk останува да видиме.