Скопското Јавно обвинителство се уште не нашло докази дека печката за согорување на медицинскиот отпад на депонијата „Дрисла“ која работела без каков и да е филтер го загадувала воздухот во Скопје!? Ова произлегува од вчерашното соопштение на Обвинителството во кое практично се повторуваат наводите од Државниот инспекторат за животна средина од кои произлегува дека не е утврдено загадувањето, информира skopskoeho.
ОЈО потсетува дека постапувало по предметот оформен по допрен глас во јануари годинава за кривично дело загадување на животната средина и дека биле побарани информации од Државниот инспекторат за животна средина за извршените контроли над работењето на депонијата.
– Притоа, Државниот инспекторат за животна средина во одговорот наведува дека депонијата „Дрисла“ постапува согласно Спогодбата постигната во Министерството за животна средина и просторно планирање. А извршените мерења во кругот на депонијата за квалитетот на амбиентниот воздух покажале дека резултатите од мерењето се во дозволените граници според европското и националното законодавство. Сепак, и покрај ваквиот одговор, надлежниот јавен обвинител продолжува со проверките во насока на утврдување на фактите во предметот, се потенцира во соопштението.
По ваквото соопштение, кое се чекаше цели девет месеци, се наметнува прашањето на кој период, всушност, конкретно се однесуваат мерењата на Државниот инспекторат за животна средина: дали и на оној во кој гасовите од согорувањето на медицинскиот отпад директно се испуштале во воздух бидејќи немало филтер. Ако е така, тогаш ова ќе биде свовиден феномен со кој отровниот чад кој одел директно во атмосферата воопшто не влијаел на квалитетот на воздухот.
Целиот текст прочитајте го на Скопско Ехо – ОВДЕ