Претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев, не престанува со скандалите. Овој пат го злоупотреби просторот овозможен од Канал 5 во емисијата „Само вистина“ за да упати навреди кон високи странски политичари, а повторно употребуваше и навредлив говор за Албанците, реагира телевизија Канал 5.
На крајот од синоќешниот телевизиски дуел со аналитичарот Агим Јонуз, Бачев упати навредливи зборови кон претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, германскиот министер за надворешни работи Михаел Рот и германската канцеларка Ангела Меркел и ги нарече педери и лезбејки.
-Бачев го искористи моментот дека емисијата се емитува во живо и навредите ги упати практично откако емисијата беше завршена со што тоа грубо ги прекрши етичките кодекси. Ова не беше единствениот случај. Во текот на емисијата Бачев неколку пати употреби навреди и кога говореше за Албанците.
Со ваквите испади, Јанко Бачев по кој знај кој пат ја помина црвена линија во јавниот дискурс и го злоупотреби времето што Канал 5 му го овозможуваше во име на плурализмот на мислењата. Линијата меѓу слободата на говорот и говорот на омразата е јасно исцртана во демократиите кон кои Македонија се стреми.
Канал 5 целосно свесна за улогата што ја имаат медиумите, соопштува дека во иднина на нашата програма нема да има место ниту за Бачев, ниту за други останати поединци слични на него, кои со преку злоупотреба на јавниот простор, со помош на навреди и дисквалификации, се обидуваат да ги остварат свои цели, притоа не водејќи грижа за елементарните морални постулати.
Потсетуваме дека Бачев и летово во изјава за медиумите користеше навреди за нашите сограѓани Албанци. Случајот го проверуваше и јавното обвинителство, но нема информации дали нашле елементи за говор на омраза или случајот е затворен, се наведува во реакцијата на Канал 5.
Извор: Фокус