ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи поделена и на конгресот на Европската народна партија во Хелсинки. Освен актуелното раководство предводено од Христијан Мицкоски, поканети се и дел од разрешените доскорешни сопартијци.
Покана добиле претставниците од реформаторското крило на партијата, Костадин Богданов и Петар Богојески, како и поранешни високи партиски функионери, како Митко Јанчев и Никола Тодоров. Сите се поканети од првиот човек на Европската народна партија Жозеф Дол.
Според информациите на тв 24, Петар Богојески од реформаторското крило ја прифатил поканата исто како и Тодоров. Реформаторот Костадин Богданов пак, вели од објективни причини нема да отпатува за Хелсинки, а нема да присуствува ниту Јанчев.
Дел од реформаторите за Телевизија24 велат дека со поканата, Европската народна партија сака да испрати порака до актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ во однос на внатрепартиските поделби и разрешувањето на членови. Од ВМРО-ДПМНЕ не коментираат, само велат нив ги преставува Делегацијата предводена од Христијан Мицкоски, во придружба Александар Николоски, Влатко Ѓорчев и Тимчо Муцунски
Лидерот Мицкоски, претходно на својотт Фејсбук профил најави дека, ќе се жали на политички прогон и ќе ги уверува европските десничари, дека политиките на ВМРО-ДПМНЕ се ориентирани кон ЕУ и НАТО.
„Го информирав господинот Вебер за актуелните состојби во државата. Му укажав на политичкиот прогон од страна на актуелната власт преку злоупотреба на државните институции. Освен за актуелната дневно-политичка состојба, го информирав и за внатрепартиските случувања и трајната определба на ВМРО-ДПМНЕ, за приоретизирање на евро-атлантските интеграции на Република Македонија.“ – напиша Мицкоски на фејсбук.
Инаку, на самитот во Хелсинки, Европската народна партија треба да избере свој кандидат за престедател на Европската Комисија.