-1.2 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Емотивно писмо од Австралија: Немав ниту за леб, додека не стапнав на туѓо тло: Прекинете да глумите патриотизам бидејќи вие живеете луксузно на товар на нашите деца

Некогаш е потребен само убав збор, убава мисла, убаво дело за да ве направи среќни. Не се потребни многу пари, скап накит, бесни автомобили, огромни палати или било што друго. Потребен е мир, потребен е спокој, потребно е чувство дека денот ти е исполнет со убавини, со позитивни мисли, со блиски луѓе кои те сакаат, ти пружаат поддршка кога ти е тешко, споделуваат среќни моменти кога си среќен и се покрај тебе кога најмногу ти се потребни.

Јас во Македонија не бев исполнета. Не бев исполнета бидејќи немав мир, немав ниту спокој, ниту пак бев исполнета со позитивни мисли.

Зошто?

Затоа што година дена се обидував да најдам работа. И најдов. Работев прво како касиерка во маркет, а потоа како таксистка во едно од скопските такси компании. Првата работа беше добра од аспект на тоа што имав и се уште имам блиски пријатели и пријатели со кои до ден денес сум како дел од исто семејство, луѓе кои ги запознав на работа, луѓе со кои 12 месеци се смеевме заедно, тагувавме заедно, се нервиравме заедно.

Единственото позитивно нешто од таа моја прва работа како касиерка се моите нови пријателства, моите колеги, со кои успеав да изградам еден мост на пријателство кој верувам дека никој и ништо не може да го сруши. Напуштив бидејќи немав мир од друг аспект. Немав добра заработувачка а имав три мали деца. Секое од нив имаше свои потреби. Едното беше основно, другото средно училиште, третото студент.

Тие нивни потреби јас како родител не можев да ги им припуштам со плата од 250 евра па се решив да започнам ново патешествие во мојот живот од кое очекував барем малку подобар живот, а тоа беше возењето на такси. Да, да. Жена, а таксист. Верувам дека не сте слушнале прв пат за тоа нешто бидејќи не само во Скопје, туку и во Македонија можете да сретнете повеќе жени кои возат такси, со цел да обезбедат подобар живот за себе и своето семејство.

Почнав да возам такси по препорака на пријателка на моја роднина, која ме советуваше да пробам и да видам дали ваквиот тип на работа, би можел да биде подобар за мене, не само од аспект на заработувачка, туку и од оној другиот аспект, односно од самото секојдневно функционирање, според кое не си зависен од никој, се што треба да имаш е трпение да седиш зад воланот.

Па така, го прифатив тој нејзин совет и почнав да работам како таксист. Возев година и шест месеци и можам слободно да кажам дека и таа работа не ми беше тешка и мачна, ја работев со многу енергија, со многу мотивација, со многу ведрина. Возејќи, запознавав многу нови луѓе, кои со мене ги споделуваа своите среќни, но и тажни моменти од животот. Сретнав различни карактери, луѓе со тешко минато, луѓе кои се чудат како да врзат крај со крај, но и луѓе кои успеале во животот да направат добра кариера зад себе, која самата со себе носи и подобар живот за нив и нивното семејство.

Но, постои едно големо НО. И покрај моите напори, мотивација и упорност да успеам да останам ДОМА, после година и шест месеци решив да донесам одлука да ја напуштам Македонија и да заминам во Австралија.

Најпрвин заминав сама, моите деца останаа да живеат со нивната баба. За среќа, мојата мајка беше секогаш покрај мене, и покрај тоа што беше постара, ме поддржуваше максимално во борбата да обезбедам подобар живот за моите деца. Секогаш кога работев, таа беше онаа која готвеше, која го средуваше домот, која им помагаше на моите деца односно нејзините внуци да ги завршат своите домашни задачи од училиште.

Така, тие останаа да живеат со нивната бабичка цели 9 месеци. Јас дојдов во Австралија, Мелбурн, каде што цели 4 месеци буквално се измачував да најдам работа која ќе ми донесе заработувачка со која ќе можам да заштедам, со цел да ги повлечам со мене и моите три деца.

За среќа, тоа нешто ми успеа. После макотрпни и исцрпувачки 120 дена, јас успеав да го најдам она кое го барав цел живот. А не барав многу. Барав само нормална работа, нормални услови за развој на моите деца, простор за подобра економска благосостојба на моето семејство. Ја најдов. Бидејќи зборувам четири јазици, немав никаков проблем, па почнав да работам како агент за недвижнини, работа која е многу добро платена, но и високо почитувана во Австралија.

На тој начин, моите деца добија патоказ кон светла иднина, а јас како мајка на три деца, и покрај тоа што бев оддалечена од мојот дом, добив реална шанса за подобар живот.

Кога би се вратила и дали би се вратила?

Би се вратила кога нашите политичари ќе почнат најпрвин да размислуваат за квалитетот на животот на граѓаните, за подобрување на животниот стандард, кога ќе имаме подобро здравство и образование, кога ќе имаме развиена економија со која граѓаните ќе се чувствуваат исполнети и среќни, кога наместо за нивните џебови, ќе мислат за нашите џебови.

Затоа, порака до политичарите: Ве следам од Австралија – прекинете да глумите патриотизам бидејќи товарот не го носите вие, туку граѓаните. Тие се чудат како да го истераат денот до крај, тие се чудат како денеска да им дадат 50 денари повеќе на своите деца за да можат да си купат нормален оброк на училиште, тие се чудат како да обезбедат пари за студии, пари за облека, храна и сето она кое е потребно за едно нормално детство, а за кое вие немате појма, ниту пак сте почувствувале, бидејќи вашите деца се оние кои живеат луксузно токму од парите на нас и нашите деца.

поврзани објави

Последни објави