6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Емотивна исповед за студентските денови: Се заљубив во најдобриот другар од средно, тој беше моето СЕ во животот, се дури не ме изневери

Љубовта беше наш најдобар другар. Го запознав во прва година средно училиште. Тој не беше во мојот клас, но беше пријател со неколкумина мои другари кои што учеа заедно со мене. Во тие детски години, јас во принцип имав многу повеќе другарчиња, а само една до две другарки и за многу работи повеќе можев да се доверам на најдобриот другар, отколку на мојата другарка. И така беше се до завршувањето на мојот факултет. Тој тренд на дружење со повеќе момчиња, отколку девојчиња ме следеше се до завршување на моето високо образование.

Но, еден ден се случи она неочекуваното. Јас сум жив сведок за тоа дека навистина може да се заљубиш во најдобриот другар, односно тоа кај мене испадна најдобро што можеше да се случи поради тоа што и тој во исто време се заљуби во мене.

Веројатно една од потешките работи во животот е таа – да го прашаш твојот најдобар другар дали и тој би те сакал тебе исто така односно на истиот начин на кој што ти го сакаш него.

Кај мене беше вака. Ко дете дојдено од помал град овде во Скопје се стационирав односно живеев во Автокоманда, каде што живеев во студентскиот дом Стив Наумов. Тие што живееле или што живеат таму знаат дека во една таква околина немаше услови да не бидеш приврзан со луѓето.

За цело време до мене таму беше и тој, мојот најдобар другар од средно, со кого заедно го делевме и утрото и ноќта. И покрај тоа што како матуранти се оддалечивме и не бевме многу блиски, сепак нашата дружба во Скопје бавно, но сигурно се обновуваше. И не само што се обновуваше, туку и се зајакнуваше. Од ден на ден нашата поврзаност беше се посилна, бевме по 15-16 саати на ден заедно, на факултет, после факултет, во читална, во соба, во ноќни клубови, заедно пиевме, заедно јадевме, дома односно во нашите соби само за спиење се прибиравме, иако некогаш и тоа го правевме заедно, нели нормално сосема другарски. И така цели 2 години. Негде пред започнувањето на третата учебна година, јас не бев во државата односно го поминав летниот период во Италија, каде што бев на гости кај мојата тетка.

Во тој период ужасно си недостигавме, постојано си пишувавме пораки на телефон. Тогаш некако како таа наша „другарска љубов“ како да премина во нешто сосема ново за нас. Почнавме да се опуштаме во самите разговори, да си делиме комплименти кои обичните другари не си даваат во секојдневната комуникација.

Во тие три недели, немаше ден, немаше ноќ, а да не помислам на него. Знаев дека после враќањето во Македонија, ништо нема да биде исто. Се вратив во големиот град, започна учебната година, а со неа започна и нашата љубов. Животот ми се смени. Деновите продолживме да ги поминуваме заедно, се гушкавме, се љубевме, едноставно уживавме!

Тој беше најтоплата личност во мојот живот, личност која ме топлеше посилно и од сонцето!

Но, после неколку годишна врска, тој почна да се однесува поразлично. Поминуваше поголем дел од денот во работа, а се пресели и од станот во кој живеевме заедно со образложение дека е премногу рано да го живееме „брачниот живот“. Тука дојдовме до судир на нашите размислувања и она како ние го замислуваме животот заедно за во иднина.

Со самото тоа што ми рече дека сака да замине од станот во кој што живееше со мене, ми укажуваше дека таа личност можеби и не сака односно не може да го помине својот живот со мене.

Иако во иднина живеевме одвоено, продолжувавме да комуницираме, се гледавме, но сепак атмосферата не беше иста. Тој почна да се однесува лошо, почна да посетува коцкарници, по што агресивноста кај него растеше од ден на ден.

После неколку месеци дознав дека и ме изневерувал. Едно утро спиев во неговиот стан, каде што престојуваше со цимери, кои тој викенд беа заминати дома. Дури се тушираше, го прочепкав телефонот и тогаш ми се скрши срцето. Прочитав повеќе од 5 пораки од девојка потпишана по име Елизабета. Дознав дека со неа се гледа повеќе од три месеци. Тогаш решив да го напуштам.

И му благодарам на Бога што го напуштив. Мојот живот ќе беше навистина неподнослив ако дозволев тој и понатаму да ме третира онака како што ме третираше се до тој момент.

Тоа што некој ме изневерил не само што не ме сруши, туку ме направила посилна, а самото искуство беше една убава лекција во мојот живот.

Десет години подоцна, јас сум повторно среќна со маж кој знае да ме почитува, знае да ме сака и живеам навистина спокојен и мирен живот, исполнет со многу љубов и позитивни моменти!

С. И. 

поврзани објави

Последни објави