Според уште непотврдени информации, Груевски ја напуштил Унгарија, изјавил висок неименуван претставник од ВМРО ДПМНЕ за бугарската агенција Фокус, пишуваат регионалните медиуми. Крајна дестинација за поранешниот премиер кој е во бегство, како се наведува се Русија или Турција.
Во недостаток на официјални информации од македонските, но и од унгарските власти, регионалните и европските медиуми продолжуваат со шпекулации за бегалецот Никола Груевски, поранешен македонски премиер, сега пратеник.
Бугарски и унгарски медиуми неофицијално објавија дека можеби Груевски не е повеќе во Унгарија и дека е во Русија или Турција, а други медиуми го споменуваат неофицијално и Азербејџан како можна дестинација.
Груевски, осуден на двегодишна затворска казна, на 11 ноември од Македонија, според официјални информации, избегал преку Албанија и Црна Гора со унгарско дипломатско возило. Почесниот претседател на ВМРО ДПМНЕ, на кој лани му се одземени приватниот и дипломатскиот пасош поради судски постапки, како што сам објави на Фејсбук избегал во Унгарија каде бара политички азил.