4.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Хелсиншки комитет: Притворените за 27 април со денови биле оставени без храна и вода

Повреди на постапката и на правата на обвинетите констатира Хелсиншкиот комитет во судењето за упадот во Собранието од 27 април. Како што стои во октомврискиот месечен извештај за човековите права на Хелсиншки комитет, е забележан нехумен третман кон притворените лица во овој предмет. Во првите неколку дена од судењето, велат од Хелсиншки, тие целосно биле оставени без храна и без вода.

„По соодветните реакции на набљудувачите од граѓанските организации и бранителите на обвинетите во притвор, судот реагираше и на притворените им беше овозможена храна и вода. Следното прекршување кое беше нотирано се однесуваше на должината на траење на едно судско рочиште, имено имаше рочишта кои траеја и повеќе од 12 часа. Последното нотирано прекршување на основните начела на постапката беше повредата на начелото на јавност на постапката, кога, и покрај тоа што загрозениот сведок беше заштитен сведок и се испитуваше според одредбите за распит – членови 228, 229, 230 и 338 од ЗКП, судот на барање на Основното јавно обвинителство ја исклучи јавноста од рочиштата кои беа закажани за 16 и 17 октомври на кои се испитуваше заштитениот сведок“, велат од Хелсиншки.

Во октомврискиот месечен извештај за човековите права во Република Македонија нотирани се и дискриминација врз основа на физичка попреченост во пристап до работно место, како и случај на употреба на прекумерна сила и непрофесионално постапување на полициските службеници.

Во извештајот се констатира дека жртвите на семејно и родово базирано насилство се обесхрабруваат од неефикасните механизми за заштита. Во однос на состојбата со работничките права, покрај случаи на мобинг и прекршени одредби од ЗРО, се наведува и случај на пријава за прекршени права со позитивен епилог.

поврзани објави

Последни објави