Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното интервју на 1ТВ негираше дека неговите посети на Србија и Унгарија имале некаква поврзаност со бегството на Никола Груевски.
-Да, точно е дека изминатиот период го искористив за низа патувања, меѓу кои беше и патувањето во Србија, но тоа беше приватно патување и не се сретнав со Вучиќ, тој тогаш не ни беше во земјата. Тоа го искористив и да отидам до Унгарија за да се видам со Орбан, неколку недели пред скандалозното бегство на Груевски. Јас ги охрабрувам да покренат истрага за тоа, слободно да истражат. Јас стојам на располагање. Со Орбан не разговаравме за Груевски, туку за Конгресот на Европската народна партија, рече Мицкоски.