Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера гостуваше во отвореното студио на 1 ТВ каде поентираше неколку работи поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, власта, идните планови на партијата, како и бегството на Груевски.
Во продолжение прочитајте ги најважните поенти од гостувањето на Мицкоски:
Претседателот на најголемата опозициска партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето вчерашно гостување во отвореното студио на ТВ 1 тој истакна дека опозицијата созрева, извлекува поука од грешките во минатото и нема да ги повтори. Тој посочи дека гласачите процениле дека има нешто погрешно во политиките на ВМРО-ДПМНЕ и решиле тоа да го казнат, но сега опозицијата е спремна да понуди решение за реалните проблеми на граѓаните на Македонија.
-Многу пати сум кажал, еве ќе го повторам и во вашата емисија. Граѓаните на Република Македонија имале сигурно добра причина, зошто гласале против ВМРО-ДПМНЕ , најпрвин на предвремените парламентарни избори во 2016-та година иако ВМРО-ДПМНЕ освои најголем број на пратеници и гласови, но и на локалните избори во 2017-та година. Кога им дадоа доверба малтене акламативна на градоначалниците на СДСМ. Сигурно имале добра причина. Сигурно нешто процениле дека нешто не е добро во политиките на ВМРО-ДПМНЕ и одлучиле да го казнат и ние тоа го почитуваме. Од тоа извлековме поука, пораснавме и ВМРО-ДПМНЕ денеска е зрела да понуди решение за реалните проблеми на граѓаните во оваа држава. Ние никогаш нема да си дозволиме повторно ќе ви кажам дека воздухот во Скопје и ширум Македонија е загаден зошто постои режим или ваква власт каква што имаме сега. Само да се смени режимот или оваа власт ние ќе донесеме алпски воздух. Тоа нема да го направиме, затоа што тоа не може да се случи. Но дека имаме методологија и начин како да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните. Да имаме, рече Мицкоски.