-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Се иселив во странство на постари години: Причината се моите деца кои заминаа поради тоа што Македонија ги отфрли од себе

Велат никогаш не е доцна. Само на 45 + луѓето потешко се одлучуваат на таков чекор. Да се иселите од својот сопствен дом и да заминете во туѓина, во земја која ќе биде нова за вас, земја која можеби нема да ја чувствувате како своја, земја во која не познавате никого, земја во која ќе морате да се справувате со предизвиците кои досега биле непознати за вас.

Но, поради масовното иселување на младите од нашата држава, на таков чекор се одлучуваат и постарите граѓани кои најчесто го прават тоа токму поради нивните деца, внуци односно своето семејство. Така направив и јас. Се иселив во Германија на мои 47 години. Имав мало дуќанче во кое продавав облека за бебиња, работев со тоа повеќе од 6 години. Моите две деца Катица и Зоран по завршувањето на високото образование, решија да бараат работа во Македонија. Катица работеше во фирма во Скопје повеќе од година дена, меѓутоа платите беа навистина премали за таа и нејзиното семејство, сопруга и две мали дечиња, да живеат нормално во еден ваков град.

Реши да напушти од работа и да заминат во Германија. Не поминаа четири месеци, а тие веќе цврсто газеа на германско тло, со убава плата, нормален стан за 4 луѓе, во чиста и зелена околина покрај себе. На тој чекор се одлучи и нејзиниот брат, моето постаро дете Зоран, кој побара помош од својата сестра за работа и сместување, за потоа и тој да замине во свој стан, за кој нормално плаќаше месечна кирија. Не им беше лесно на почетокот,  зашто образованието не значеше ама баш ништо, а и со јазикот не стоеја добро. Ама тие не отидоа за да видат, ако им тргне да останат, ако ен да се вратат назад, туку отидоа за да успеат. Не беше лесно, особено зашто немаа никој близок таму, ама ете, полека и за кратко време им тргна а тие почнаа да ја чувствуваат Германија како свој втор дом.

Еден вообичаен ден ми се јави синот Зоран и ми рече: Мамо, спакувајте ги своите куфери, ви имам резервирано билети за лет до Германија, ќе земеме поголем стан и ќе живееме заедно. Вие ќе се грижите за внуците, додека јас и Јана сме со обврски, а на тој начин ќе бидеме поблизу и ќе биде подобро за целата фамилија. Во други услови, за мене животот во Македонија би бил прифатлив и ваков каков што е, бидејќи јас имав наполнето 47 години, но знаејќи дека моите се надвор и дека истите ги гледам само на Фејсбук и Вибер, се решив да го послушам својот син и веќе после недела дена бевме во Германија.

Животот во Германија не е лесен, но е достоинствен. Има чиста околина, нормални работни часови, пристојна и убава плата за еден достоинствен живот, добро образование, добар здравствен систем.

Тоа се главните причини поради кои оваа земја сега ја чувствувам како своја. Да, Македонија ми недостасуваа. Ми недостасуваат моите роднини, пријатели и пријателки, моите блиски, но сепак семејството ми е овде, шансата за подобар живот на моите најблиски е укажана токму овде и за тоа воопшто не жалам што и на мои 47 години дојдов да започнам нов живот, што би рекле некои – во туѓина!

поврзани објави

Последни објави