Граѓанско демократската унија го отвори својот прв локален клуб во градот Штип. Промоцијата се одржа во хотел „Изгрев “ пред голем број гости, повеќето од кои, граѓани на градот под Исарот. Пред гостите се обратија претседателот на локалниот клуб, Борче Пачемски, потпретседателот на клубот адвокат Маријан Михов и претседателот на Граѓанско демократската унија, Петар Колев.
Претседателот на локалниот клуб во Штип, Борче Пачемски истакна дека пред неговиот тим има многу работа поврзана со изградбата на работните тела на партијата во градот Штип и регионот.
Потпретседателот адвокат Марјан Михов истакна дека се надева граѓаните на градот Штип да се пронајдат во програмата на партијата и да ја дадат својата поддршка за ГДУ.
Претседателот на Граѓанско демократската унија Петар Колев од своја страна ги повтори основните идеолошки столбови на партијата: индивидуалните човекови права, слободниот пазар и реалната претставничка демократија. Колев ги повика Штипјани да се вклучат активно во активностите за подобрување на условите за живот во нивниот роден град, за истиот да остане дом и за нивните деца.
Со отворањето на локалниот клуб во Штип почнува третата фаза од работењето на ГДУ, а имено изградбата на локалните структури на партијата. Во најскоро време ќе бидат отворени локални клубови во Охрид, Куманово, Кавадарци и останатите градови во Македонија“, се вели во соопштението на Граѓанско демократската унија-ГДУ.