Неосновано е решението за притвор на Миле Јанакиески, тврди неговата одбрана.
При донесувањето на одлуката, бил прекршен кривичниот законик оти советот на Основниот суд Скопје 1 кој одлучувал по барањето за притвор, не ги повикал обвинетите да дадат свој исказ.
Дополнително, одбраната тврди дека во решението не е наведено ниту за кое кривично дело се тие обвинети. Наместо ова, се цитираат само членови од кривичниот законик, се жалеше одбраната.
Според одбраната, со одредувањето на притворот е прекршен и законот за кривична постапка. Сметаат дека во одредувањето на таквата мерка не требало да учестува судијата Огнен Ставрев кој е дел од судечкиот совет во предметот Титаник.
Јанакиески и Божиновски, заедно со своите адвокати во жалбите пред Апелација наведоа дека се сомневаат и во Службената белешка од УБК според која двајцата обвинети преку посредник побарале аменстија од Претседателот на државата. Велат дека документот на МВР е фингиран оти нема информации за тоа кога биле остварени средбите ниту дали судот и СЈО направиле проверка во Кабинетот на Иванов.
По вчерашната јавна седница по жалбите за притворот во Апелациониот Суд, се очекува денеска или утре судот да донесе одлука дали Јанакиевски и Божиновски ќе бидат ослободени од притвор.