11.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Скопско Ехо го контактираше Михаил Гаревски за најавите за градба на високатница кај ГТЦ

Поранешниот директор на реномираниот скопски Институт за земјотресно инжењерство и сеизмологија Михаил ГАРЕВСКИ го прашавме околу откупот на земјиштето и најавите за градба на висококатница на паркингот кај ГТЦ, пишува Скопско Ехо. 

Скопско Ехо: Со оглед на тоа како се развиваат настаните околу ова локација, сметате ли дека работите се местат таму сепак да има висококатници?

– Тоа е очигледно. Последните настапи на надлежните потврдуваат дека работите се прават така како што им одговара на оние што сакаат да градат, како што им одговара на градските и општинските власти. Се очекува, очигледно, добар профит од сето тоа. Тоа ќе биде на штета на граѓаните на Скопје, но и на државата. Мене ми е смешно повикувањето дека и Кензо Танге во својот проект за Скопје таму предвидувал висококатници. Прво, градоначалникот на Центар се повикува на планот на Танге од кој што е значително, значително е отстапено во обновата на градот. Градски ѕид не е како што треба, требаше да има коридор кон Железничката станица… Малку е задржано од планот на Танге за да сега некој се повикува на него.

Скопско Ехо: Сметате ли дека со овие висококатници дополнително ќе се задуши центарот на градот?

– Апсолутно. Не се само 60-катниците кои што се планирата да се градат. Имате и комплексот кај Старата железничка станица кој го гради „Лимак“ кој содржи многу објекти. Значи, централното подрачје многу ќе се задуши. За најмалку 30 проценти ќе се зголеми концентрацијата на жителите во тој простор. Ниту Генерален урбанистички план на Скопје не предвидел така. Сега е прилика да се смени тој ДУП донесен од општина Центар и тоа е лесно остварливо бидејќи таму ќе нема поголеми последици. Но, некој се намерил таму да гради. Не може една група советници од општината да решаваат сами што ќе има таму. За тоа треба да се изјаснат и граѓаните кои имаат потреба од чист воздух, од помало загадување.

Скопско Ехо: Што Вие сметате дека таму треба да се направи, односно гради?

– Моја идеја е таму да се направи еден ултра модерен плоштад. За тоа има доволно простор и причина што сегашниот централен плоштад „Македонија“ е недоволен. Околу плоштадот би можело да има и трокатни објекти, продавници, ресторани и евентуално станови за станарите од Ново маало. Може да има и парк, и, секако, подземна гаража. Се согласувам и со идеите таму да се направи само парк. Никој во светот веќе не гради такви висококатници во централното градско подрачје па зошто ние би морале да ги направиме.

Извор: Скопско – прочитајте ОВДЕ 

поврзани објави

Последни објави