Што се ветиле градоначалниците на СДСМ во Скопје во своите изборни програми за локалните избори кон крајот на минатата година? На ова прашање веќе е тешко да си дадете одговор, особено затоа тоа што деновиве речиси сите изборни програми на актуелните градоначалници се целосно повлечени од интернет. Така, сите оние граѓани кои до скоро сакаа да се потсетат на тоа што се им ветиле нивните општински татковци тоа веќе не може да го сторат. А до неодамна сите изборни програми на седуммината социјалдемократски градоначалници и на скопскиот градоначалник лесно беа достапни со наједноставно пребарување на интернетот со впишување на нивниот изборен слоган „Живот за сите“. Меѓутоа, сега таму може да се прочита – „страницата не може да се пронајде“.
Ваков обид направи и „Скопско ехо“ при се покажа дека на интернетот веќе не може да се најде страницата zivotzasite.mk/kandidati/, преку која се доаѓаше до веб-страниците на седуммина кандидати. Ист одговор дека „страницата не може да се најде“ добивме и кога се обидовме да ги отвориме изборните програми на градоначалниците на Центар – Саша Богдановиќ, на Кисела Вода- Филип Темелковски, на Бутел – Велимир Смилевски, на Аеродром – Здравко Марин, на Карпош – Стефан Богоев, на Гази Баба – Борче Георгиевски, на Шуто Оризари – Курто Дудуш. Тука ги немаше ниту страниците на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, како и на Александар Наумовски, првиот човек на Ѓорче Петров, но тие на интернет може да се најдат преку други линкови, а за што, сепак, треба повеќе напор и време . Излегува, дека граѓаните кои сакаат да се информираат за тоа кои се проекти треба да ги реализираат градоначалниците и во кој рок, треба да бараат друг начин.
– Видов деновиве дека програмите ги нема веќе на интернет. Сакав да проверам до каде е обновата на мојата улица за што беше гарантирано дека ќе се направи. Оние што решиле да ги тргнат страниците очигледно сакале да почнат да ги кријат ветувањата кои до крајот на мандатот нема да ги реализираат. Луѓето ќе нема каде да прочитат и да споредат. Никој дома не ги чува изборните материјали па да споредува што е направено, а што не, вели Звонимир Ковачевски од Кисела Вода.
Целиот текст прочитајте го на Скопско Ехо – ОВДЕ