Европската комисија ќе го анализира буџетот на Франција до пролетта следната година, објави говорникот од комисијата по синоќешното обраќање на францускиот претседател Емануел Макрон кон нацијата. Францускиот сенат веќе даде зелено светло за пристапување кон ветувањето дадено од Макрон за зголемување на минималната плата. И покрај предложените мерки, незадоволството во Франција останува, а според медиумите од Франција, граѓаните сметаат дека реакциите се задоцнети.
Околу 10 милијарди евра ќе го чини буџетот на Франција, решенијата предложени односно објавени од францускиот претседател Макрон како одговор на жолтите елеци кои во изминатиов период протестираа низ цела Франција. Ветувањата ќе се одразат на буџетниот дефицит во 2019 година, како што призна денеска францускиот премиер Едуар Филип, кој треба да ги прикаже мерките во детали пред Националното собрание.
Европската комисија ќе ги разгледа внимателно буџетските последици од мерките објавени синоќа од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, со цел да го смири гневот на „жолтите елеци”, изјави заменик-претседателот на ЕК, Валдис Домбровскис.
Ги следиме одблизу новите најавени мерки, но не можеме да ги коментираме пред да бидат претставени во детали, додаде комесарот задолжен за еврото и социјалниот дијалог. Тој тоа го изјави во Стразбур, каде што се одржува пленарна седница на Европскиот парламент.