11.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Нано Ружин: Ципрас ја прифати номинацијата за Нобелова награда за мир, тој вели – јас и Заев сме како браќа

Премиерот Ципрас ја прифати номинацијата за Нобелова награда како силна поддршка за процесот што го започнаа со неговиот колега Зоран Заев, вели професорот Нано Ружин, по вчерашната средба со грчкиот премиер во Атина.

Имавме многу срдечна средба со прекрасна, едноставна и скромна личност. Вака професорот и ректор на Универзитетот ФОН, Нано Ружин, за Дојче веле ги сподели првите импресии од синоќешната средба со грчкиот премиер во Атина. Алексис Ципрас и беше домаќин на „четворката“ која еден ден претходно на официјална церемонија во Скопје, објави дека грчкиот и македонскиот премиер ќе бидат номинирани за Нобеловата награда за мир. Номинацијата ќе ја поднесе добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, тунижанката Уидидед Бушамауи, која заедно со поддржувачите на таа идеја – Нано Ружин, грчкиот европратеникот Стелиос Колуглу и генералниот менаџер на ФОН, м-р Сефер Цаноски, иницијативата синоќа му ја претставија и на грчкиот премиер.

„Премиерот Ципрас беше пријатно изненаден што иницијативата доаѓа од добитник на Нобеловата награда за мир, и од претставници на една независна институција – Универзитетот ФОН. Рече дека тој чин го разбира и го прифаќа како силна поддршка за процесот што го започнале заедно со неговиот колега, Зоран Заев. Иако и двајцата се уште се изложени на разни националистички испади, смета дека оваа номинација им дава дополнителна сила успешно да го завршат процесот. Според Ципрас, таа им праќа порака и на внатрешните сили кои не прифаќаат да се реализира Договорот од Преспа, а испраќа порака и до пошироката заедница, дека се работи за добар модел за создавање големи резултати, со кои ќе се гордеат и многу идни генерации. Тој потенцираше дека Договорот од Преспа е историски настан меѓу две соседни држави – и пријатели, и идни големи сојузници“, пренесува Ружин акценти од средбата.

Празнични честитки од Ципрас

На средбата со гостите од Македонија, грчкиот премиер ја пренел и неговата честитка за Нова Година и Божик до сите наши граѓани, со желба двете земји идните прослави да ги дочекаат без никакви билатерални проблеми.

„Во тој пријатен и спонтан разговор, реков дека господинот Ципрас во многу нешта е сличен со нашиот премиер Заев, на што тој низ насмевка одговори: ‘Да, да, ние сме како браќа’“, раскажува Ружин.

Средбата е остварена во многу фреквентен ден за грчкиот премиер: расправа за првиот буџет во периодот по завршувањето на финансиска помош за Грција, и негова подготовка за службен пат во странство. Но, како што вели Ружин, периодот бил фреквентен и за неговиот пријател, грчкиот европратеник Стелиос Колуглу, кој ја подржа номинацијата на двајцата премиери.

Целиот текст прочитајте го на ДВ – ОВДЕ 

поврзани објави

Последни објави