Можеби не е за изненадување, но дури и во 30-та тазе членка на НАТО, насловите на утринските вести се двоумат меѓу НАТО, Амди и вдомувањето на уште едно „наше дете“.
Ретките се случаите кога странските и домашните новински наслови се фактографски настроени, се констатира – симболичен воен придонес на новата членка, но силен чекор во напорите за пацификација на Западен Балкан, наспроти вечното геостратешко надмудрување помеѓу Запад и Исток.
Осамени во изјавите за претстојниот економски бум се единствено премиерот и неколкумина министри. И по некој заменик министер!
Фер е да се каже дека од денеска оваа „чудесна земја” сепак има шанса за извесен,планиран, нормален развој. Истовремено, фер е да се каже и дека како и порано, така и во иднина, ризикот по тој развој највеќе сенаоѓаат овде. Дома.
Работнава седмица на изминување, им овозможи пропорционално збогатување на семејните фото албуми и на претставниците од позицијата и од опозицијата. Дури и Пастирот ни се јави. Дигитална хронологија за сопствената важност која според потребата ќе биде гордо изложена по ѕидовите и работните бироа.
Можеби се во право оние кои тврдат дека вчерашниот настан повеќе се вреднува надвор отколку тука. Дека позитивните ефекти допрва ќе се почувствуваат?!
Сепак, оваа гласна и рамнодушна тишина во јавноста како да и се обраќа на денешнинава, на сегашноста, сегашност со премногу лузни и белези од скорешното минато.
Вреди да се истакне дека европарламентот донесе одлука за вреднување на правото на користење финансиска помош во претпристапниот период за земјите кандидати во ЕУ. Знате, оној досаден дел за владеење на правото. На домашен план сме заглавени на релација Партии, Врховен, СЈО,обвиненија, простувања, судски постапки,помирувања и секако тендери! Хибридна состојба од која треба да произлезат суштински и сеопфатни реформи. Хм! Во неможност да се понуди нешто квалитативно поинаку, и понатаму ќе бидеме бомбардирани со соопштенија во кои пророчки ни се претставени и Судниот ден и Рајот, две крајности кои својот аргумент го имаат единствено според страната на која седат поклониците во „Храмот на демократијата”.
Јавната поддршка кон политичките понуди ќе опаѓа и понатаму, а како против понуда на лостовите на моќ им стои на располагање само понатамошно „корумпирање на политичкиот процес” во целина. „Педагошкото” внимание кон земјава ќе се насочи кон други далеку посериозни прашања и теми. Во натпреварите меѓу „АД Партии” и „Тие другите” првите имаат далеку подобар меѓусебен скор. Следниот натпревар е веќе во април.
Автор: Ѓорѓи Трендафилов, претседавач на НК на ГДУ