Телевизија 21 уште еднаш се впушти во акција, нова сторија од секојдневнието во државата. 7-годишната Диелза плаче бидејќи не сака да јаде само леб. -Кажи ми Диелза што ти се јаде? -Суџук, вели девојчето.
Иако Диелза има седум години и треба да е во прво одделение, поради сиромаштијата таа не седи во училиште. Во семејството Рамадани од Тетово немаштијата и бедата се чини како да се вселиле за подолго. Родителите на Минуш и Диелза ги напуштиле пред една година, а за нив се грижат нивните баба и дедо, во куќа без елементарни услови и речиси пред распаѓање. Минуш и Хатиџе се грижат за внуците колку можат, но велат дека честопати се случувало да немаат што да им дадат да јадат. Минуш вели дека иако е болен, се труди на децата да им обезбеди макар леб.
-Немаме. Соседите ни даваат храна, некоја манџа или облека. Навистина тешко ми е. Бев многу болен. Мислам дека ќе умрам кога гледам дека децата немаат што да јадат. Во рацете на Господ сме. Повеќе се грижи мојата сопруга, бидејќи јас сум им дедо, денеска ме има, утре не. Деца се тоа, бараат јадење, подобро да јадат тие отколку јас-рече Минуш.
Домаќинката Хатиџе, вели дека веќе 10 пати била оперирана од тумор. Раскажува дека таа им е како мајка на децата, но најмногу се грижи што Диелза не може да продолжи со школувањето како нејзините другарчиња.
-Ќерката на син ми има седум години. Нема услови да оди на училиште. Треба да се облече, нема ништо за да може да следи настава. Поради тоа не ја испратив да оди на училиште. Немаат за јадење и пиење, јас не можам така да ги носат децата на училиште-вели Хатиџе.
Семејството Рамадани нема никакви месечни приходи. Не земаат ниту социјална помош, ниту пензија, а како што раскажуваат, месецот го крпат со помошта што ќе им дојде од соседите. Диелза и нејзиниот брат Минуш не сакаат ништо друго освен храна и елементарни услови за да можат да одат на училиште како другите деца.
Број на семејството: 070 242 834