14.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Силјановска за ЕиБ: Интегритет, храброст, соочување со аргументи и знаење се принципите кои ме воделе, на истите ќе инсистирам и во кампањата

Во интервју за бизнис магазинот „Економија и бизнис“, кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова говори за предизборната кампања, за позицијата претседателот во општеството, за Преспанскиот договор, како и плановите доколку биде избрана за претседател.

ЕиБ: За почеток, зошто лично се нафативте да бидете претседателски кандидат? Кои се принципите и вредностите по кои ќе се водите во изборната кампања, а и подоцна доколку победите? Патем, ќе видиме ли конечно пристојна предизборна кампања и дебати водени од принципи и позиции, а не од ad hominem напади?

Г. Силјановска Давкова: Изминатите година-две бев дел на повеќе иницијативи на професори и интелектуалци, кои се обидуваа да ја предупредат власта дека не треба да избрзува со прифаќање на лош договор со Грција и дека фокусот треба да се стави на реформите, а не на распродавање на националните интереси. Првичната идеја дека на претстојните претседателски избори треба да се појави човек кој ќе ги оличува токму овие два постулата произлезе од овие кругови, од моите колеги. Ете, тие сметаа дека јас сум најсоодветна и дека ќе успеам да ја обединам нацијата, во време на сеопшта делба и конфронтација, во време на постоење авторитарна власт и притисоци врз сите кои не се согласуваат со неа. Не ми беше лесно да се нафатам од две причини: прво, моето паметење на политичката арена од пред речиси 30 години е сѐ уште живо и не многу пријатно; второ, јас себе си сум се нашла во професурата, во работата која дава неверојатна сатисфакција поради работата со умни и со млади луѓе. Но, се нафатив дури и по цена да ја жртвувам својата комоција и начин на живот, па и личниот спокој, ако сакате. Си размислив: дали ќе можам да бидам мирна доколку ја одбијам оваа можност да направам нешто конкретно за земјата што ја сакам и за која работам цел живот? Дали смеам да останам пасивна кога се урива она за што се борел мојот татко? Одговорот се наметна сам: треба да се проба, без оглед на исходот. Принципите што ме воделе и ме формирале како личност се оние истите на кои ќе инсистирам и во кампањата, а тоа се: интегритет, храброст, соочување со аргументи и знаење, нудење решенија и менување на досегашниот начин на водење на политиката, барем во еден нејзин дел. Ќе вложам напор да бидам креативна и поинаква. Што се однесува до кампањата, навидум одговорот би требал да биде едноставен и позитивен: трка помеѓу тројца универзитетски професори би подразбирала висока етика и квалитетна дебата со знаење и аргументи. Но, сепак, ако денот по утрото се познава, за жал, пак ќе се соочиме со користење недемократски и недолични средства за дискредитација на противникот. Јас тој притисок, и тоа од највисоките ешалони на власта, го почувствував веднаш. Друга работа е мизогинијата и валканата кампања што се води на социјалните мрежи. Но, одлучив да си ставам „панцир“ околу умот и срцето и да се соочам со сѐ што ќе се случи до 5 мај.

ЕиБ: Како ја перципирате позицијата на претседателот во општеството? Претседателот се бира со висок легитимитет, со голем број на гласови на непосредни избори, а ужива релативно мали ингеренции. Сметате ли дека тој/таа прави доволен баланс со извршната власт и дали во иднина би требало да има одредени промени во политичкиот систем?

Г. Силјановска Давкова: Како професор по уставно право и политички систем, јас сум не само длабоко свесна за значењето и ограничената моќ на оваа позиција, туку и сум ги критикувала уставните решенија (особено во делот на високиот цензус во вториот круг). Сме зборувале за оваа позиција како за „англиска кралица“, а во политичкиот дискурс таа била девалвирана дополнително со тези за „граѓанинот Трајковски“ или „фикусот“. Но, ако ги тргнеме настрана тие политички дисквалификации, претседателот е сепак лицето на државата кон внатре и кон надвор. Со висок легитимитет (и регуларни и фер избори), тој/таа може да биде и морална вертикала на општеството, да има медијаторско влијание особено во случај на судири, да алармира, да смирува тензии, итн. Доколку претседател се бира во собранието тоа ќе биде акламација на веќе донесена одлука од два лидери на коалицијата еден македонец и еден албанец. Ќе се соочиме со политички пазари и притисоци. Претседателот како човек од народот за народот и со народот легитимитетот треба да го црпи токму од народот. Кохабитацијата е здрава демократска вежба во потрага по консензус за прашања од национален интерес. Вршејќи ја својата уставна надлежност, претседателот има простор да остави и свој личен белег, бидејќи луѓето (во крајна линија) им даваат живот на институциите. Што се однесува до промените, јас веќе најавив дека првата промена за која ќе апелирам до пратениците и политичките субјекти ќе биде измена на законот кој му обезбедува многу привилегии на претседателот по завршувањето на мандатот.

ЕиБ: Што мислите за начинот на кој се ефектуираат ингеренциите на претседателот во земјава?

Г. Силјановска Давкова: Начелно гледам два проблема на овој план: прво, имаме ниска политичка култура, особено во ситуација на кохабитација, што оди на штета на националните интереси на земјата (и за ова ќе ви го посочам само примерот на соседна Грција, каде кохабитацијата дејствуваше во иста насока кога стануваше збор за националните и државните интереси, премиерот и претседателот, па и парламентот, зборуваа во еден глас). Второ е неискористеноста на сите можности за проактивност на претседателот во однос на владата и собранието. Тука не мислам на деформирање на парламентарниот систем и негово туркање кон претседателски, туку кон доследно почитување на принципот на поделба на власта. Ќе ви дадам засега само еден пример: никаде во Уставот не пишува дека претседателот се обраќа пред парламентот само еднаш годишно! А практиката тоа го свела на протоколарно предновогодишно обраќање, кое притоа дури и не се следи со респект или внимание, туку служи за препукување. Јас ќе бидам проактивен претседател и во случај на потреба од ставање вето на некој закон и во случај на потреба од обраќање до парламентот и јавноста. Често ќе се обраќам до пратениците и јавноста не само еднаш годишно. Ќе ги адресирам најгорливите проблеми на ранливите категории граѓани и ќе укажувам на лошите состојби во различните општествени сфери како претставник на народот. Другите работи ќе ги елаборирам во кампањата.

Ова е само дел од интервјуто, целото можете да го прочитате во новиот број на Економија и Бизнис

поврзани објави

Последни објави