Кандидатот за претседател поддржан од 31 партија, Стево Пендаровски, во интервју за МИА истакна дека најавите на неговиот противкандидат Гордана Силјановска за ревизија на Преспанскиот договор се само предизборна реторика.
„Можеби Силјановска верува во тоа дека е можно, јас ви тврдам дека тоа е практично неизводливо. За да го поништите овој договор, не ни треба само волја нам тука во Скопје. Договорот има и друга страна од Атина и има меѓународен гарант, потпишан е и Метју Нимиц, како специјален пратеник на генералниот секретар на ОН.
Вие морате да ги убедите меѓународните гаранти дека е неопходно да стартувате нови преговори за името и, се разбира, во Атина зависи кој ќе биде на власт, да ѝ кажете на таа влада да дојдат на преговарачка маса. Ако тие не се согласат и меѓународниот фактор не се согласи, ние можеме само дома во Скопје да си правиме муабет меѓу себе, нема да можете да ги обновите договорите“, вели Пендаровски.
Пендаровски е убеден дека тоа е најдобриот можен договор, па додаде дека доколку Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ успеат да дојдат до подобар, тој ќе го прифати и јавно ќе го поддржи.
„Ако мислат дека со тим меѓународни експерти ќе направат толку јаки аргументи и ќе ги убедат 5-те членки на Советот за безбедност и Владата во Атина, која може да биде и порадикална за нас, тогаш ќе им подадам рака и ако успеат да направат подобар договор ќе го прифатам и ќе го потпишам со две раце. Но, се плашам дека тоа е фрлање прашина во очи на обичниот македонски гласач.
Ве уверувам дека и досега ова што беше направено не беше каприц на еден или двајца, Заев и Димитров седнале и потпишале сè што им поттуриле Грците. Цели тимови работеа со месеци, помагаа и домашни и меѓународни експерти и во тој момент со потврда и на најголемите држави во светот беше постигнат овој компромис, со кој 100-процентно е заштитен идентитетскиот комплекс на македонската нација. А во делот на нашиот дел од компромисот е додадена само географска детерминанта, ништо повеќе од тоа“, додава Пендаровски.