Кога на 1 април ја започнав кампањата, ме водеше желбата да стигнам до секој граѓанин, да разговарам со вас и да ги слушнам вашите размислувања за иднината на земјата. Ме водеше желбата да ја пренесам, до секој од вас, пораката за обединување и заедништво, правда и еднаквост за сите.
По стотици километри поминати, по многу часови разговори со вас, сигурен сум дека мојата визија и политички концепт за земјата имаат силна поддршка од огромен број граѓани. Тоа ми дава уверување дека сме на вистинскиот пат и уште поголема мотивација.
На 21 април и 5 мај имаме шанса која не смееме да ја испуштиме. Шанса да спречиме враќање кон темното минато и можност да избереме да живееме во правично и демократско општество кое ќе се темели на човечност, солидарност и еднакви права за сите.
Како ваш иден претседател ќе направам сé за да се издигнеме над случувањата од минатото, да ги оставиме зад нас поделбите и да се обединиме без разлика на вера, нација, јазикот кој го зборуваме, политичката или друга определба. Никогаш повеќе нема да дозволам и најостро ќе осудувам поделби, омраза и конфликти и политики кои на било кој начин ќе ги загрозат интересите на граѓаните. Вашите интереси се, и остануваат мојот највисок приоритет.