Државната изборна комисија го поништи гласањето на седум избирачки места по првиот круг гласање на претседателските избори. На денешната јавна седница членовите на ДИК констатираа повреда на избирачкиот процес на две изборни места во Кавадарци и по едно во Куманово, во Охрид, во скопските општини Аеродром и Центар и едно во општина Кичево.
Гласањето е поништено поради тоа што во гласачките кутии имало повеќе гласачки ливчиња отколку запишани гласачи.
Најспорно беше гласачкото место во Зајас, каде што, во периодот од 15 до 17 часот, гласале 297 гласачи или според статистиката, на секои 24 секунди, образложи подносителот на приговорот.
И покрај тоа што три пати се пребројуваа гласачките ливчиња, потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху изрази сомневање во регуларноста во проверката, па во броењето учествуваше лично и претседателот на Комисијата Оливер Дерковски.
Четвртото броење покажа дека на ова избирачко место во Зајас гласале 416 лица, но во изборачкиот список биле пријавени 412 лица, по што беше поништено гласањето во ова место.
Во ДИК се разгледуваа 14 приговори, сите од штабот на претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска Давкова. По првиот избирачки круг од Комисијата заклучија дека пропустите главно се поради слабиот квалитет на избирачките одбори, кои ќе бидат разрешени и санционирани.
На поништените избирачки места нема да се прегласува бидејќи резултатот не влијае на конечниот резултат. За првиот круг ДИК ќе изготви нова симулација на резултатите, која нема да ги вклучува овие места.
Извор: Сител