Премиерот Заев им нареди на функционерите за кои Антикорупциска утврди непотизам при вработувањето на нивните роднини, сами да се повлечат од функциите и да преземат политичка одговорност, зошто тој не може да ги разреши до завршувањето на изборите. Бара и нивните роднини веднаш да си дадат отказ од работните места во државните компании.
„Давам наредба како претседател на Влада до владините институции на лицата што се вработени на тој начин веднаш да им се прекинат работните односи и да се повлечат назад и барам професионална и политичка одговорност од сите нив. Не можеме да разрешиме до 5 мај, законска забрана има. Затоа барам професионална и политичка одговорност.“- порача Заев
Но, освен гернералниот секретар Кирацовски кој денеска објави дека неговата сестра и баба се повлекуваат од работните места, молк од останатите функционери. Антикорупциска вчера објави дека токму Кирацовски е на врвот на листата по случаи на непотизам.
„Од работното место, кое нема никаква поврзаност со непотизам, се повлекуваат и мојата сестра Мирјана Јосифовска и мајката на мојата сопруга. По нивна волја како нивна лична одлука. “- напиша Кирацовски.
Министерот пак за економија кој од антикорупциска заработи прекршочна дека не го пријавил вработувањето на сестра си која имала иста адреса на живеење со него, вели тоа е технички проблем и ќе ја плати глобата. За оставка сеуште не размислува.
„Не е утврдено дека има влијание од моја страна како функционер и министер за економија. Што се однесува до внатрешните акти и процедури во МЕПСО тоа е нивна работа. Јас сум убеден дека не прекршиле ниедна процедура. Зошто се поминати сите анализи од антикорупциска. Одговорноста согласно законот ќе ја сноси секој кој прекршил некаква процедура.“ – вели Бектеши.
Директророт на МЕПСО Сашо Василевски пак на кој од 73 кандидати, комисијата му предложила 5, а тој го ставил потписот за вработување токму на сестрата на Бектеши, вели – се е по закон. Антикорупциска објави и дека има индиции за повреди и во постапката, бидејќи немало ниту еден документ на кој начин било извршено бодувањето, ниту пак извештај од спроведените интервјуа.
„Тврдам дека немам никаква одговорност, се е постапено по закон. Ние чекаме, доколку Антикорупциска побара дополнителна документација ќе ја доставиме. Доколку се утврди пак прекршување во постапката за вработување, тогаш ќе размислуваме за оставка“- изјави Сашо Василевски, директор на МЕПСО.
Денеска молчеа и останатите функционери прозвани ид Антикорупциска за непотизам во вработувањето на нивните роднини. Инаку антикорупционерите утврдија дека кај 6 од вкупно 18 случаи дури биле местени и критериумите во огласот по мерка на роднината на функционерот кој требало да биде вработен.
Извор: ТВ24