Градоначалникот на општина Пехчево Драган Тренчевски денеска во изјава за „Поглед“ демантира дека има масовно труење на животни во градот. Како што вели Тренчевски, тој контактирал со МВР по што добил одговор дека е затруено само едно куче. Контактирав со МВР, во понеделникот било затруено само едно куче. За претходното масовно труење има покренато истрага полицијата и имавме состаноци со инволвирани институции како што се МВР, ветеринарна страница, комунално претпријатие по кој што го осудивме грозморниот чин и побаравме сторителот да биде пронајден и истиот да поднесе одговорност, рече Тренчевски.
Притоа тој додава дека ингеренциите се под МВР и дека тие не сакаат да се мешаат во истрагата.
Навистина тогаш тоа беше грозоморен чин и имаше неколку отруени кучиња. Не обвинуваа нас како општина од здружението на заштита на животните бидејќи тие најдоа забелешка на начинот на дислокација на кучињата.
По апел на самите сопственици и поради безбедност се чистеше теренот со посебни препарати за да не дојде до најнесаканите последици односно отровот да стигне до некое дете или пак можеби некој постар човек, без разлика на возраста. Ние во однос на мерки како општина, имаме распишано тендер, имаше заловување на кучиња, додава Тренчевски.
Првиот човек на градот во изјавата рече дека ветеринарен лекар бил на лице место со претставници од надлежните институции и истите го имаат разгледано теренот по што е констатирано дека сега било затруено само едно куче.
За разлика од градоначалникот, многу жители на социјалните мрежи пишуваат дека за жал ова се случува повеќе од една година во Пехчево и бараат одговорност од надлежните институции.