-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Милошоски со многу долг статус на фејсбук со објаснување за средбата Заев – Порошенко

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник, Антонио Милошоски, денеска во статус на Фејсбук тврди дека премиерот Зоран Заев вчера изнел невистина со изјавата дека се сретнал со украинскиот претседател Порошенко во Давос во јануари годинава.

Заев во обид да го покрие срамот и нанесената штета врз угледот на Македонија, јавно излажа дека остварил средба со претседателот Порошенко во Давос, Швајцарија (економски форум 21-26ти Јануари 2019та). На вчерашната прес конференција во владата, новинарка постави прашање “дали претходно имало остварено комуникација на кабинетите за да има ваков разговор (со Лажниот Порошенко)?” Заев одговори: “Како не. Секако, на официјалните состаноци коишто ги имаме, како состанокот кој што сум го правел со претседателот Порошенко во Давос, на пример, сме разговарале затоа што и определбата на Украина е за НАТО, а нормално затоа што тој важи за еден од сопствениците на големите фабрики за чоколадо, па да го поканам да инвестира во нашата земја, тоа е странска инвестиција, напиша Милошоски на Фејсбук.

Но, Милошоски, вели дека и од владиното соопштение за средбите на премиерот во Давос се гледа дека средба со украинскиот претседател немало.

Но, во владиното соопштение со наслов “Заврши учеството на премиерот Заев и владината делегација на форумот во Давос: Остварени средби од интерес за економската иднина на земјата”, кое е објавено на 25.01.2019 во 16:04мин, наведени се средбите со Марјан Шарец (Словенија), Хашим Тачи (Косово), д-р Денис Звиздиќ (БиХ), Јенс Спан (Германија), Кристалина Георгиева (СБ), Јоханес Хан (ЕУ), Столтенберг (НАТО) и Џорџ Сорос. Никаде не е спомената средба со тогашниот претседател на Украина, Порошенко, а имајќи ја во предвид скромната листа на државници со кои Заев, Анѓушев и Бектеши се сретнале, доколку таква средба била остварена, сигурно ќе и’ било соопштено на јавноста! Истовремено, доколку внимателно се разгледаат и официјалните соопштенија на Svyatoslav Tsegolko, гласноговорникот на претседателот на Украина од тој период, ќе се види дека Порошенко на форумот во Давос се сретнал со претседателот на Бразил, Кина, Германија, Полска, Шпанија, Швајцарија, Хрватска, Белгија, Литванија и Ерменија, како и со ген.сек на ОН и претседателот на Меѓународниот црвен крст.

На крајот, дека премиерот Заев немал средба со украинскиот претседател Порошенко на економскиот форум во Давос во јануари 2019 година потврдено ми е и од релевантни извори во македонското министерство за надворешни работи. Доколку Заев навистина се беше сретнал со Порошенко во Давос, сигурно и ќе му се пофалел за долгиот телефонски разговор на WhatsApp од пред 6 месеци, ќе дознаел дека тоа е местенка, и барем следните два компромитирачки телефонски разговори немало да се случат. Но, бидејќи Заев неуспешно се обидува со нови лаги да ги покрие старите скандали, а со тоа и свесно ги манипулира новинарите и граѓаните на Македонија, најдобро е да си даде оставка како премиер и со тоа да ја намали штетата по угледот на државата што и’ го нанесува со неговите дипломатски скандали!, напиша Милошоски.

поврзани објави

Последни објави