6.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Пендаровски го поканил Мицкоски да разговараат: Одговорот изненади многумина

Залудни се напорите на претседателот Стево Пендаровски да оствари средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Во интервју за Радио Слободна Европа, шефот на државата вели дека иако имал обид да се сретне со Мицкоски да разговараат за актуелните политички случувања, сепак добил одговор дека сега не е моментот за средба. Во меѓувреме Пендаровски се сретнал со опозициските партии од албанскиот блок но и со оние кои се на власт. Пендаровски продолжува да ја турка тезата аз помирување, што според него е долг и макотрпен процес, но истиот не значи и амнестирање од одговорност, па дури ниту на премиерот Зоран Заев.

– Mожам и јавно да кажам дека немам никаква намера и денес и во следните пет години да го амнестирам Зоран Заев ако направил криминал и кого било од неговите блиски соработници во партијата или во Владата ако направиле криминал. Тоа можам да го кажам и да се држам до тоа до крајот на мандатот, вели Пендаровски.

Пендаровски во интервјуто говори и за случајот „Рекет“ но и моменталната позиција на Специјалното јавно обвинителство. Според претседателот евентуалните спротивни на закон постапки од поединци не треба да ја деградираат или поништуваат целокупната работа на институцијата.

– Јас сум еден од оние кои ги дели тие емоции, со многу наши граѓани кои во тој период беа 100 проценти зад СЈО. И јас сум разочаран од ова што го слушам последниве денови. Меѓутоа инсистирам надлежните органи брзо да ја процесуираат целата работа без задршки, без евентуални политички притисоци ако ги има да ја истераат до крај работата. Тоа е битно за СЈО како институција и за демократските реформи кои и претстојат на нашата земја, изјави шефот на државата.

Кога станува збор за полноправното членство на Северна Македонија во НАТО, Пендаровски вели дека тоа се очекува да се случи на Самитот во Лондон на 4-ти декември.

поврзани објави

Последни објави