Основниот суд Скопје 1 утре ќе одлучува за барањето на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, да му биде вратена патната исправа, за да може да замине во странство, со цел да му биде укажана лекарска интервенција која не се изведува во Македонија. Евентуалното неизвршување на интервенцијата може да предизвика животнозагрозувачка состојба на пациентот, категорична е одбраната.
-Барањето на Мијалков не е ново, со оглед на тоа што истиот здравствен проблем постои повеќе од шест години. Тоа повторно е испратено девет месеци откако тој претходно беше одбиен, со образложение дека во документацијата што ја доставил недостасува документ со кој се потврдува дека таа интервенција не се изведува на нашите клиники. Сега и таа околност не постои, затоа што од Универзитетската клиника, со писмен документ, потврдиле дека таква интрвенција не е достапна во нашите здраствени установи. Барањето се базира на веќе воспоставената пракса и на конвенциите за човекови права, кои се почитуваат од страна на судовите.
Разликата во однос на барањето од крајот на минатата година е тоа што после девет месеци здравствениот проблем прогресирал и сега е многу посериозен, а судот има пракса според која во неколку случаи веќе даде залено светло за лекување во странство, при што лицата не го злоупотребија тоа, анализира новинарот Бранко Героски.
Тој потенцира дека деновиве актуелна беше веста дека Игор Спасов, осуден на долгогодишна казна затвор, веќе една година не ја издржува казната поради здравствен проблем.
-Спасов е осуден за бруталното убиство на Мартин Нешковски, случај кој практично иницираше масовни секојдневни протести и беше една од најчуствителните теми во текот на шарената револуција. За излегувањето на Спасов од затвор немаше никакви посериозни реакции, иако станува збор за најтешко кривично дело, за кое веќе е утврдена вината на сторителот.
Од друга страна, веста дека Мијалков си го побарал пасошот од здравствени причини покрена оркестриран настап во одредени медиуми, со кој треба да се изврши притисок врз судот да ја заборави досегашната пракса, но и да се направи дефокус од актуелните скандали кои го тресат СЈО. Лажно се воспева ликот на Фатиме Фетаи и се тврди дека таа наводно нема намера да го врати пасошот, иако сите знаат дека Катица Јанева е таа што ги носи одлуките, па доколку таа одлучи пасошот да биде вратен, согласно законот за СЈО, Фетаи нема никаква моќ да изврши некакво влијание да го спречи тоа, како во неколку други случаи.
Поради здравствени причини, со согласност од СЈО, иако по неразумно одолговлекување поради кое изгуби закажан термин за лекување во странство, му беше вратен одземениот пасош на бизнисменот Цветан Панделески, кој е под истрага во предметот „Империја“. Со задоцнување, Панделески замина во странство за неопходната интервенција и потоа веднаш се врати во земјата. И бизнисменот Јордан Камчев, кому му беше одземен пасошот и потоа законски му беше вратен, беше на кус престој во странство и се врати во Македонија, пишува тој.
Целата анализа на Героски прочитајте ја на ПЛУСИНФО