ВМРО-ДПМНЕ преку својот прес центар испрати соопштение до јавноста, каде порачува дека уцената која ја прифаќа СДСМ има огромна цена, која нема да ја плати СДСМ, туку целата држава.
Во продолжение интегрален пренос на соопштението:
Уцената која што ја прифаќа СДСМ има огромна цена, а цената нема да ја плати само СДСМ туку целата држава.
Прифаќањето на платформи на туѓи држави како основа за преговори и формирање коалиции е процес кој води во разградување и редефинирање на државата.
Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница ја анализираше политичката состојба после постигнувањето на договор меѓу СДСМ и ДУИ со кој беа обезбедени потписи за барање на мандат за составување на идната владина коалиција.
Нетранспарентноста на целата постапка и криењето на договорот, остава огромен сомнеж за ризиците кои ги содржи истиот. Според ИК постигнувањето на договор со кој се одлучува за иднината на унитарна, суверена и мултиетничка Македонија зад затворени врати, креира тензии во земјата и го буди гневот меѓу граѓаните. Штетите предизвикани од ваквото постапување може да бидат огромни и далекусежни.
Затоа ИК на ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмираше позицијата и ставот на партијата дека во конкретниов случај, помала е цената да се удоволи на желбата на СДСМ кој сака да се дограби до власт и покрај поразот кој го доживеа на минатите избори. ВМРО-ДПМНЕ би ја поддржала идната нивна влада, само доколку се откажат од уцените и целосно ја отфрлат платформата од Тирана.
Реализацијата на платформата од Тирана ќе значи целосно редефинирање на Република Македонија, нејзино претворање од мултиетничка во бинационална држава кој во подоцнежните фази ќе се федерализира, кантонизира и подели.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи реализирање на вакво сценарио кое е спротивно на државните и националните интереси и ќе застане на страна на народот кој на изборите не гласаше за платформата од Тирана. Напротив, мнозинството граѓани ја поддржа програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ и ВМРО има обврска кон гласачите да ја почитува нивната волја.