Ликовниот уметник и педагог, член на Македонското научно друштво-Битола, Панде Петровски е годинашен добитник на наградите мапа-портфолио, што ја доделува „Остен“ и наградата на Друштвото на ликовните уметници од Битола, „Борислав Траиковски“.
Петровски е првиот ликовен уметник од Битола, кој добива награда мапа со два заштитени оригинални примероци, кои, како што рече, стануваат дел од ликовната историја во Македонија.
Мапата или портфолио се дел од едицијата „Светско културно богатство“ и се совпаѓа со 70-годишнината од постоењето на „Остен“. Горд сум на високото признание и посакувам во иднина и други битолчани да го добијат – рече Петровски на денешниот промотивен настан во Битола.
Ликовниот уметник и педагог Панде Петровски ја доби и годишната награда на Друштвото на ликовните уметници-Битола, „Борислав Траиковски“, првиот претседател на ДЛУМ од овој град.
Со добивањето на високото признание ДЛУМ ќе организира изложба од моите дела, а јас се определив тоа да биде старата битолска архитектура – посочи Петровски.