fbpx
37.8 C
Skopje

Сега лаете после да не плачете

АКТУЕЛНО

Кога за 10-тина години од сега Македонија (доколку не стане дел од НАТО и ЕУ) ја снема од политичката карта на светот, ве молам немојте да плачете. Ќе одам по ред:

1. Се исплашивте од заедничката прослава на Илинден. Историски факт е дека организаторите на востанието од прв до последен се припадници на Бугарската Егзархија и поранешни ученици на Бугарската машка егзархиска гимназија во Солун. Историски факт е дека голем број офицери припадници на Бугарската армија земаат учество во Илинденското востание. Поголемиот дел од тие офицери се по потекло од Македонија (Б. Сарафов, Б. Дрангов итн), токму еден таков бугарски офицер од Пиринско- Борис Сарафов станува дел од Главниот штаб на востанието.

За етничката припадност на старите Илинденци не сакам да отворам тема, можете сами да си прочитате, дали биле Македонци како Миленко, или пак биле поинакви почисти Македонци. За тоа од каде доаѓа оружјето на Организацијата исто така нема да навлагам, пошо ќе ми стане ептен бугарашки статусов 🙂. Се знае од каде поминувало оружјето, од каде доаѓало и за каде било наменето. Знам дека боли, ама тоа е вистината. Се знае и каде после востанието барале засолниште комитите. Или и тоа е бугарска пропаганда?!.

Ајде малку да гледаме на работите реално. Страшно е ако Македонци и Бугари поднесат венец на Мечкин Камен… Зашто би било страшно? Ааа да бе ми текна… Ради поврзаноста на Првиот со Вториот Илинден од 1944 г. Тие се тие митови и легенди за мали деца, што за жал се уште се продаваат во Македонија. Еве ја и мојата следна точка:

2. Во периодот 1 март 1941-9 септември 1944 г. Бугарија е дел од Оската Рим-Берлин-Токио. Во тој период Бугарија е монархија, а фашистичката идеологија како што сите запознати знаат е републиканска идеологија. Бугарските комунисти го измислија поимот монархо-фашизам само и само да го наречат бугарскиот цар Борис III фашист. Тоа е историска небулоза.

Бугарската војска влегува во Македонија во момент кога Македонија не е држава туку е дел од Кралството Југославија. Македонија е Јужна Бановина, а Бугарската армија само ги заменува српските колонисти. Таа хистерија околу „окупацијата“ ми вели дека на големите сегашни Македонци, поубаво им изгледало Македонија да се наоѓа под српска чизма.

Инаку за време на таа окупација, голем број припадници на старото ВМРО можеле конечно да стапнат на македонска земја. Например синот на Борис Дрангов, Кирил (припадник на ВМРО) бил пречекан како херој во „окупирана“ Македонија. Истото важи и за голем број стари илинденци, ама изгледа и тие биле Бугараши според наложената од Белград логика. Брат му на Никола Карев- Георги и тој бил тежок бугараш. Кметот на Скопје Спиро Китинчев (без кого например немаше да го имаме Киро Глигоров за прв претседател, ама прочитајте си и за тоа) и тој… Сите бугараши, а во истото време стотици илјади убиени партизани…

Секој втор манга овде што е потомок на титови пионери, Бугарите пола фамилија му испотепале. Ќе си помислам дека Македонија пред бугарската окупација била 20 милиони, а откако Бугарите после 9 септември веќе станале дел од антихитлеристката коалиција веќе броела милион и нешто. Ако се верува за толкавиот број убиени, тоа значи дека на територијата на Македонија е извршен геноцид, кој пак е скриен од цел свет ради светски заговор нормално и само тврдокорните Македонци од миленковата раса не даваат да се заборави.

Инаку за убиените партизани на територијата на Македонија брзам да напоменам дека тие според Законот за Заштита на Државата (ЗЗД) изгласан за прв пат од владата на проф. Александар Цанков во 1924, се водат како терористи, а со терористи никој не преговара. Пошо деновиве актуелни станаа младинците од Ваташа (како што стана актуелен и Ѓорче Петров кога се поставуваше споменикот на Т.А. во Кисела Вода, демек по потреба), би сакал да ви препорачам да прочитате каков бил третманот за комунистите и партизаните во Бугарија… Никаква разлика! Како што реков со терористи никоја сериозна држава (а Бугарија во тој период била и тоа како сериозна ) не преговара, туку ги ликвидира. Колкава била пак реалната бројка на македонските партизани не сакам да навлегувам… Сум чул доволно митови и легенди за тоа.

Сума сумарум мојата поента е сосема едноставна. Оладете малку со тоа татари, матари итн… XXI век е. Македонија е толку мала и ништожна како воена и економска сила што не може да опстане ако не попадне под одредена сфера на влијание. Единствената опција пред Вашата и мојата Македонија е брз влез во НАТО и ЕУ. Ако тоа не се случи, се плашам дека планот на Србија и Грција за заедничка граница ќе се оствари. Толку имав да кажам.
PS: Ако една заедничка прослава ви е закана за идентитетот… значи толку ви е јак идентитетот.

Пишува: Атанас Величков

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -