30.8 C
Skopje
Monday, July 14, 2025

Делчево ќе дише: Гоцевски најавува реформа на комуналното, инспекции и еко-ренесанса!

Во интервју за Поглед.мк, кандидатот за градоначалник на Делчево од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Гоцевски, детално ја изложи својата визија за чисто, здраво и еколошки одржливо Делчево. Тој најави темелна реформа на комуналниот сектор, јасни контроли против загадувачите и активности за подигнување на колективната еколошка свест. Делчево, според него, мора да стане место во кое младите ќе остануваат, а не од кое ќе бегаат.

Кандидатот за градоначалник на Делчево од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Гоцевски, остро реагира на моменталната состојба со хигиената и јавните површини во градот. Тој потенцира дека секојдневно се сведоци на срамни слики – запуштени паркови, ретко косење, недостиг на корпи за отпадоци и нередовно собирање смет. „Ова не е систем, ова е отсуство на систем“, вели Гоцевски, додавајќи дека Делчево со својата локација и природа би можело да стане пример за урбана чистота, па дури и да се стреми кон швајцарски модел на уреденост.

Во својот план, тој најавува целосна реорганизација на јавното комунално претпријатие – ослободување од политички влијанија, професионализација, воведување распоред за собирање отпад и одржување зелени површини по маала, инвестиции во еко-возила и механизација, како и ангажирање на млади луѓе и сезонски екипи за чистење.

Паралелно со тоа, ќе започне и едукативна програма „Зелен карактер“ во училиштата и месните заедници, со цел подигнување на свеста и вклучување на граѓаните преку натпревари и локални акции.

На темата загадување во зимскиот период, Гоцевски е категоричен – ќе има строги контроли и нема да се дозволи палење гуми и отровни материјали во индустриски објекти. „Во 21-ви век никој нема право да труе деца за да си заштеди на сметки“, истакнува тој, со порака дека инспекторите ќе мора да ја вршат својата работа без компромис.

Гоцевски порачува дека Делчево нема да биде напуштено и запоставено – туку ќе стане пример за хигиенски, одржлив и жив град, каде што младите остануваат, а иселените се враќаат.

поврзани објави

     

Последни објави