Премиерот на РМ Зоран Заев рече дека владата на РМ секогаш ќе работи за интересите на државата и ке гради односи врз принципите на добрососедство и унапредување на соработката на регионот, неутралност како и не мешање во внатрешните односи на соседните земји.
Во современиот свет успеват само оние кои се сложни и кои соработуваат во остварувањето на заедничките цели за подобар живот, преку меѓусебното помагање за заедничка подобра иднина, истакнува Заев во интервјуто.
Според него односите на Македонија со соседите биле континуирано нарушувани, додека пак напорите за влез во ЕУ и НАТО биле само декларативни, бидејќи постоело ширење на анти-НАТО и анти-ЕУ пропаганда.
Говорејќи за односите со Грција, Заев верува дека ова ќе биде еден од најголемите предизвици во оваа фаза, како и дека лично верува дека ова ќе биде тест за Македонија колку пораснала и созреала низ годините на изолација и дали научила да ги цени вредностите кои носат просперитет и подобра иднина.
Македонската влада, според Заев, е фокусирана на затворање на спорот со Грција, откако по потпишувањето на договорот ги затвори отворените прашања со Бугарија.
-Во овој момент, невозможно да се прецизира кога ќе бидат видливи резултатите кои ќе доведат до решавање на прашањето, но важно е да се разговара и да се создаде поволно јавно мислење, како во Грција така и во Македонија. Она што е важно за мене и што ми дава надеж е фактот дека ние повторно воспоставивме комуникација, посочува Заев.
Тој во интервјуто за Српска економија најавува дека Владата на Република Македонија ќе продолжи со својата политика кон соседите без предрасуди и со подготвеност за дијалог, со цел Македонија да добие повеќе пријатели меѓу земјите-членки на НАТО и на ЕУ.